Доколку сте едни од оние кои сè уште чуваат стари ЦД-а, можеби ќе ве изненади веста дека некои стари примероци можат да достигнат цена и до 11 илјади евра.
Имено, иако музиката денес е достапна на различни стриминг платформи, интересот за ЦД-а и старите плочи повторно расте, а колекционерите се подготвени да издвојат илјадници евра за некои ретки примероци.
Дополнително, внимавајте на старите ДВД-а кои собираат прашина, бидејќи и тие се цел на колекционерите. А кои ЦД-а се најбарани, дознајте подолу.
Брус Спрингстин – „The Future of Rock ’n‘ Roll“
Реткото промотивно ЦД на „The Boss“ е издадено во 1988 година и пласирано во Јапонија, а денес се вбројува помеѓу најбараните колекционерски предмети бидејќи е тешко да се пронајде.
Инаку, цените на ЦД-ата достигнуваат и до 1.400 евра, а еден примерок моментално се продава на „eBay“ за 1.089,64 евра.
Принц – „My Name Is Prince“
Компилацијата беше објавена во 1993 година во серија од само 50 примероци.
Колекционерите претходно издвојуваа до 6.000 евра, а на „Discogs“ може да се пронајде по цена од 2.400 евра.
Парис Хилтон – „Paris“
На оваа листа се наоѓа и Парис Хилтон, која го издаде својот дебитантски албум во 2006 година.
На колекционерите им е интересен овој албум затоа што познатиот уметник Бенкси го преработил ЦД-то, заменувајќи ги оригиналните песни со ремикси, а пакувањето со сопствен дизајн, а ЦД-ата биле издадени во 500 примероци. Токму поради ова, ова издание достигнува цена и до 9.600 евра, а еден продавач на пазарот моментално бара дури 11.000 евра.
Дејвид Боуви – „Sound + Vision“
„Box“ сетот кој беше објавен во 1989 година, содржи демо снимки, верзии во живо и песни на други јазици.
Спакуван е во кутија од липа и бреза со книшка. Цената на „box“ сетот варира и достигнува и до неколку стотици евра.
Колдплеј – „Safety“
Колдплеј сè уште е многу популарен, а својот прв албум го објавија во мај 1998 година.
Албумот „Safety“ имаше само 500 примероци, а само 150 им беа достапни на обожавателите за купување. Поради малиот број на примероци, цените се движат од 2.320 долари до 9.200 евра.
Нирвана – „Pennyroyal tea“
Култниот бенд го издаде овој сингл во април 1994 година. Само неколку денови подоцна, Курт Кобејн си го одзеде животот, што доведе до итно повлекување на ЦД-то.
Неколку примероци останаа сочувани и денес претставуваат вреден колекционерски предмет, а се продаваат по цена помеѓу 2320 и 2785 евра.
Мајкл Џексон – „Smile“
Џексон никогаш не ја објави песната „Smile“ иако беа направени ЦД-а, додека некои обожаватели успеаја да дојдат до необјавеното ЦД, а нивната продажба денес може да им донесе неколку илјади евра.