[ВИДЕО] Курто Дудуш ја обвини Арсовска за расизам и дискриминација: „Пишува ли на автобусите на ЈСП ‘забрането за Роми’“

Макфакс

22/11/2024

16:10

1.019

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, на денешниот протест за јавниот превоз упати повеќе барања до градоначалничката Данела Арсовска, наглсувајќи дека доколку не им бидат исполнети протестите ќе продолжат и следната недела.

Дудуш рече дека само во Шуто Оризари над 90 посто од линиите ги возат приватни превозници и граѓаните немаат пристап до јавниот превоз.

„Рековте неумесно е граѓаните на Скопје да останат без јавен превоз еден ден поради недостаток од нафта. Според вас, која е замената за зборот неумесно за граѓаните на Шуто Оризари кои 730 дена немаат пристап до јавен превоз. Јас би рекол зборот е расистички. Расистички, дискриминаторски и нехумано е да оставите 40.000 граѓани без јавен превоз“, порача градоначалникот од протестот.

На Арсовска и испрати порака и да ги праша возачите од селската линија 61 која поминува низ Шуто Оризари на 3 километри од почетокот на општината колку граѓани ја користат како алтернативен превоз.

„Немате залепено на автобусите на ЈСП, ‘забрането за Роми’, ама не мора“, рече Дудуш додавајќи дека и денес кога некои линии сообраќаат низ Скопје по вчерашниот хаос со недостатокот од нафта, во Шуто Оризари повторно нема автобуси.

Тој ја повика градоначалничката да понесе одговорност и да покаже политичка зрелост.

Повика итно да се постапи по возниот ред објавен на страната на ЈСП, а Арсовска да ги подмири и долговите кон приватните превозници, но и да пушти нови автобуси.

Меѓудругото Дудуш рече и дека граѓаните на оваа општина се’ уште чекаат изградба на паркови и булевари, како и вработувања на Роми во градската администрација.



Спонзорирани линкови

Маркетинг