Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел побарала совет од папата Франциско за справување со Доналд Трамп кога тој првпат беше избран за претседател на САД, надевајќи се дека ќе најде начини да го убеди човекот за кој таа сметаше дека има инвеститорски менталитет да не се повлече од Парискиот договор за климата.
Во своите мемоари, чии делови доцна синоќа беа објавени во германскиот неделник „Ди Цајт“, долгогодишната германска канцеларка ги детализираше нејзините тешкотии во односите со Трамп, кој ѝ се чинеше дека е фасциниран од рускиот претседател Владимир Путин и другите авторитарни лидери.
„Тој гледаше се од перспектива на претприемачот што беше пред да влезе во политиката. Секој дел можел да се продаде само еднаш, а ако не го добиел, тогаш некој друг го добивал. Така тој го гледаше светот“, наведе таа.
Таа додаде дека кога папата Франциско го прашал за совет за постапување со луѓе „со фундаментално различни ставови“, тој веднаш сфатил дека таа мислела на Трамп и неговата желба да се откаже од договорите за климата.
Кога Трамп првпат ја презеде функцијата во 2017 година, Меркел беше една од избраните лидери со најдолг стаж во светот и убедливо највлијателна во Европската унија откако ја обликуваше Германија и одговорот на континентот на должничката криза во еврозоната, пандемијата со коронавирусот и руската инвазија врз Украина во 2014 година.
Напишана пред реизборот на Трамп, книгата ја изразува „искрената надеж“ дека потпретседателката Камала Харис ќе победи на изборите во САД.
Нејзините мемоари, насловени „Freedom: Memories 1954-2021“, ќе бидат објавени во повеќе од 30 земји на 26 ноември. Таа ќе ја претстави книгата во САД една недела подоцна на настан во Вашингтон со поранешниот претседател Барак Обама, со кого има блиски политички односи.