Погребот на Лиам Пејн ќе се одржи денес во неговиот роден Вулверхемптон. Утрово пред влезот на црквата каде што ќе се изврши погребот беа поставени цвеќиња, а во тек се последните подготовки.
Последното испраќање на Лиам ќе биде затворено за јавноста, а ќе присуствуваат само семејството и најблиските пријатели, додека „Daily Mail“ дознава дека ќе се појават и четворицата членови на „One Direction“ – Хари Стајлс, Зејн Малик, Луис Томлинсон и Ниал Хоран.
Поради погребот на Лиам, Зејн одложи два настапи и им соопшти на обожавателите дека се работи за „непредвидени околности“.
Едниот настап е поместен од 20 ноември на 8 декември, а вториот кој беше закажан за 21 ноември ќе се одржи на 9 декември. Зејн, исто така, го одложи и американскиот дел од неговата турнеја „Stairway to the Sky“ веднаш по смртта на Лиам.
Покрај колегите музичари, на погребот ќе присуствуваат и девојката на Лиам, Кејт Кесиди и Сајмон Кауел.
Лијам Пејн трагично загина при пад од балкон на хотел во Буенос Аирес во средината на октомври. Тој претходно јавно зборуваше за проблемите со менталното здравје и зависностите со кои се бореше. Тој призна дека тешко се справувал со славата и дека консумирал тешки дроги и алкохол додека бил дел од „One Direction“.
Зад себе ја остави девојката Кејт Кесиди со која првично беше заедно во Аргентина, а пејачот има и син, Бер, кој го доби во текот на врската со Шерил Кол.
Аргентинската полиција неодамна уапси тројца мажи осомничени за вмешаност во смртта на Лиам. Според извештаите, станува збор за двајца вработени во хотелот и пријателот на Лиам, кој наводно се претставувал како негов менаџер.
По смртта на Лиам, многумина расправаа кога и под кои услови младите таленти треба да бидат вклучени во напорниот свет на музичката индустрија. Во меѓувреме 140 илјади фанови на бендот „One Direction“ потпишаа петиција за воведување на законот на Лиам, со кој ќе се заштитат младите пејачи, а во едно интервју Роби Вилијамс застана на нивна страна.
„Во догледно време, кога ќе можеме, ќе кажеме повеќе. Сега ќе одвоиме малку време за да тагуваме и да ја преболиме загубата на нашиот брат, кого неизмерно го сакавме. Неговите спомени ќе бидат засекогаш драгоцени. Нашите мисли се со неговото семејство, пријателите и обожавателите кои исто како нас го сакаа, многу ќе ни недостасуваш, Лиам“, изјавија членовите на „One Direction“ по неговата смрт.