Лукаревска: Буџетот за 2025 година на ДПМНЕ е расипнички, недомаќински и наместо за граѓаните, направен е само за задоволување на власта

Макфакс

19/11/2024

13:17

145

Големина на фонт

а а а

Првиот предлог Буџет за 2025 година на актуелната власт на ДПМНЕ е расипнички, недомаќински и наместо за граѓаните направен е само за задоволување на власта. Буџетот е тежок 6,5 милијарди евра, толку планира власта да земе од граѓаните и да потроши. Но, наместо за поголеми плати на работниците, повисок животен стандард на граѓаните, образование, здравство, власта ги зголемува трошоците за службени возила и луксуз за дури 75%, истакна Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.

За купување мебел, според неа, власта предвидува 5 пати повеќе пари во исто време кога ги зголемува глобите и административните такси за нови 11 милиони евра.

Владата, нагласува Лукаревска, предвидува зголемување и на непродуктивните трошоци за стоки и услуги а во истиот момент ги крати капиталните расходи во клучни сектори како образованието и здравството.

„Парите за чист воздух, намалени за дури 51% а парите за заштитна на животна средина за 25%. Тоа значи дека актуелната власт нема намера да преземе ништо додека граѓаните се гушат. Расипничкото однесување се случува во услови на високо ниво на јавниот долг кој со новите долгови ќе ја надмине границата од историски највисоко ниво на јавен долг од 70,8%. Намалени се и парите за поддршка на домашните компании од 340 на само 220 милиони денари. Истовремено парите за поддршка на странски компании се зголемени. Оваа политика на запоставување на домашните компании и фаворизирање на странските ги става македонските работници во подредена позиција, води кон економска нееднаквост и ниски плати. Дополнително, во Буџетот ги нема ниту најавените 250 милиони евра за општините. Парите за земјоделството се намалени за 15,7% а програмата за рурален развој се намалува за 10 пати“, оценува пратеничката на СДСМ.

СДСМ како одговорна опозиција, додава таа, со поднесување на над 200 амандмани се бори за граѓаните и подобрување на Буџетот за се обезбедат економски раст, поголеми плати и подобар животен стандард.

Бараат, зголемување на платите во секторите каде вработените се од витално значење за услугите на граѓаните, како образованието, јавниот сектор, полицијата, пожарникарите. За вработените во Министерството за внатрешни работи бараат покачување на платите за 20%, како и средства за набавка на современа технолошка опрема за зголемување на безбедноста на граѓаните.

„Во здравството, амандманите предвидуваат: набавка на нова медицинска опрема, подобрување на капацитетите на Итната медицинска помош, доусовршување на лекарите и медицинскиот персонал. Апарати за магнетна резонанца, инсулински пумпи, кислородни боци, комплети за прва помош итн. СДСМ верува дека овие амандмани ќе придонесат за поефикасно искористување на буџетските средства и ќе обезбедат реален економски и социјален напредок“, нагласи Лукаревска.

Денеска, како што информира, почнува амандманската расправата, „со аргументи и факти силно ќе ги браниме овие амандмани во македонското Собрание и ќе бараме поддршка за нивно усвојување“, потенцира пратеничката на СДСМ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг