Продлжуваат превирањата во ЛДП – некои членови ја споредија Зајкова со Амди Бајрам по изјавата дека партијата се стреми да биде власт

Макфакс

18/11/2024

14:31

532

Големина на фонт

а а а

Не стивнуваат поделбите во Либерално-демократската партија (ЛДП). Иницијативниот партиски одбор, кој бара смена на претседателката Моника Зајкова, реагира на нејзината изјава дека ЛДП се стреми да биде власт, а не кокета.

Од иницијативниот одбор на ЛДП нејзините изјави ги оценија како небулозни коментирајќи дека непринципиелната политика на раководството на ЛДП и Моника Зајкова оди до таму што, наместо почитување на интересот и желбата на граѓаните, единствено со што се занимаваат е остварување на желбите и интересите на раководството на ЛДП.

„Изборната волја на граѓаните беше јасно кажана на последните избори на кои Зајкова како коносител на листа доби црвен картон од граѓаните за нејзините погрешни политики. И наместо да понесе одговорност за изборниот пораз, таа без срам објавува желби да била дел од власта. Дволичната политика на раководството е веќе осудена од членството и од широката јавност. Очигледно на политичката сцена се најде достојна замена за Амди Бајрам и неговата парола ‘Кој е на власт, ја сум со вас’“, велат од иницијативниот одбор на ЛДП.


Оттука, бараат раководството на ЛДП да престане со додворување на власта и да ја прифати опозициската улога што им ја доверија граѓаните.

Зајкова,вчера, во интервју во дневникот на МТВ изјави дека ЛДП во парламентот дејствува независно и дејствувала независно и во минатиот парламентарен состав бранејќи ја својата либерално-демократска политика, но и идеја.

„ЛДП не кокетира со власта како и секоја политичка партија, ЛДП се стреми да биде власт, а не да биде кокета“, изјави Зајкова.


Иницијативниот одбор за себе вели дека претставува големо мнозинство од две третини од општинските организации и бара смена на претседателката. Зајкова, пак, тврди дека се работи за политички непознати поединци разочарани дека ги губат државните привилегии, кои немаат никакво мнозинство во партијата.

ЛДП на последните парламентарни избори настапи во коалиција со СДСМ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг