Гастроинтестиналниот тракт е поврзан со мозокот преку мрежа од 200 до 500 милиони неврони, овозможувајќи постојана размена на информации помеѓу цревата и нервниот систем.
Психобиотиците се посебен вид пробиотици — корисни бактерии кои не само што го поддржуваат здравјето на цревата, туку имаат и позитивно влијание врз менталното здравје и емоционалната стабилност. Истражувањата покажуваат дека овие „добри“ бактерии можат да помогнат во намалувањето на анксиозноста, стресот и депресијата преку комплексната врска помеѓу цревата и мозокот, позната како цревно-мозочна оска, објаснува на својот Instagram профил проф. д-р Душан Вешовиќ, специјалист за интегративна медицина.
Проф. д-р Вешовиќ наведува дека храна богата со психобиотици вклучува ферментирани производи, како кисела зелка, кимчи (корејска кисела зелка), кефир и јогурт. Покрај нив, растителни влакна од овошје, зеленчук и мешунки го поддржуваат растот на корисни бактерии во цревата, што ги прави психобиотиците уште поефикасни.
Психобиотиците и здравјето на цревата се тесно поврзани и со имунитетот и со менталното здравје, додава професорот. Речиси 70% од имунолошкиот систем се наоѓа во цревата, па затоа одржувањето на здравјето на дигестивниот систем може да помогне и во спречување на ментални нарушувања. Научните истражувања покажуваат дека дисбалансот во микрофлората (дисбиоза) значително придонесува за депресија и анксиозност, додека од друга страна, анксиозноста може да предизвика негативни промени во микрофлората, создавајќи еден вид „злобен круг.“
Враќањето на рамнотежата помеѓу цревната микрофлора и менталното здравје е клучно во борбата против секојдневниот стрес. Редовното внесување на психобиотици може да придонесе за чувство на мир, подобар сон и општа благосостојба.
Цревно-мозочната оска ги пренесува информациите од цревата до мозокот преку вагусниот нерв (нерв кој го поврзува мозокот со повеќе органи), што овозможува комуникација помеѓу микрофлората во цревата и мозокот. Овој процес се одвива преку три системи:
1. Нервниот систем – преку невротрансмитери и вагусниот нерв.
2. Имунолошкиот систем – преку цитокини во циркулацијата.
3. Невроендокриниот систем – преку хормони како кортизолот.