Пратениците на „Влен“ би ги гласале уставните измени и денес, но потребни се политички договор и предвидливост во процесот, вели Гаши

Макфакс

26/12/2024

13:04

331

Големина на фонт

а а а

Уставните измени за внесување на Бугарите ќе се случат тогаш кога владејачката коалиција ќе биде сигурна дека ќе има парламентарно мнозинство и кога ќе има предвидливост во процесот, што нема да значи нова блокада на земјата за членство во Европската Унија. Ова е ставот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, на неколку дена до Нова година, рок што многупати беше посочен како период во кој би се донеле уставните измени пред доаѓањето на власт на новата коалиција.

„Коалицијата ‘Влен’, сите пратеници, стојат зад тоа и ние, ако би дошле на дневен ред, уставните измени би ги гласале и денеска, но мислиме дека треба заеднички да се договориме кога тоа е најдобро за државата, за сите граѓани и затоа правиме максимални напори како парламентарно мнозинство да ги донесеме уставните измени кога ќе биде најдобро за нашата држава, кога ќе има политички договор за тоа и кога ќе бидеме убедени дека имаме предвидливост во процесот. Тоа значи дека нема да имаме повторно вето за три месеци, за шест месеци и така натаму“, рече претседателот на Собранието, Гаши.

Тој е подготвен уставните измени да ги стави на дневен ред веднаш штом некој тоа го побара иако ставот на владејачкото мнозинство е дека треба да се чека предвидливост на процесот.

„Процедурата за уставни измени е пропишана и во Уставот и во Деловникот. Секој што ги исполнува условите може да поднесе иницијатива, но ние како парламентарно мнозинство мислиме дека треба да има политичка волја и политички договор за кога ќе почне процедурата, да биде и спроведена. Знаете дека уставни измени се донесуваат кога за тоа гласаат две третини од нашето Собрание и ние кога ќе сме сигурни дека тоа ќе биде прифатено од мнозинството пратеници во нашето Собрание, тогаш ќе ја почнеме процедурата. Во друг случај, никому не можеме да му забраниме, но мислиме дека не е добро да се експериментира со такви постапки“, објасни Гаши.

Претседателот на Собранието нагласи дека уставните измени се комплексно прашање, кое не зависи од еден политички сегмент и елемент.