Нефт Даслари, што во превод значи „нафтени карпи“, град сочинет од нафтени извори поврзани со мостови на Каспиското Езеро, најголемото езеро на светот, поради што многумина го нарекуваат Касписко Море. Оддалечен е околу 95 километри од брегот на главниот град на Азербејџан, Баку, и шест часа возење со брод од копното.
Тоа е најстарата нафтена платформа на море во светот, а своевремено таму живееле повеќе од 5.000 жители.
Кога режисерот Марк Волфенсбергер првпат дознал за Нефт Даслари, мислел дека тоа е мит. Тој непрестајно слушал за овој мистериозен град кој бил посетуван од многу мал број на луѓе. Дури откако отпатувал таму со својот брод во доцните 1990-ти, се уверил дека тој навистина постои. Тој за „Си-Ен-Ен“ изјавил дека никогаш не видел нешто слично, и дека изгледа како автопат среде море.
Тој сакал да сними документарен филм и поминал осум години убедувајќи ја владата на Азербејџан да му дозволи да се врати, што конечно го направил во 2008 година, поминувајќи таму две недели за да го снима својот филм „Oil Rocks: City Above the Sea“.
Меѓутоа, во последно време населението се намалува, а градот тоне. Сепак, тој сè уште е во функција и е симбол на долгата нафтена историја на Азербејџан.
Историја на градот
Кон крајот на 1940-тите, нафтените лица слетале на малиот остров и изградиле платформа за дупчење и мала куќа за сместување. Првиот истражен бунар бил пробиен во 1949 година, и тогаш веќе пронашле нафта. Првиот танкер за нафта пристигна на брегот во 1951 година и градот почнал да се гради. Она што следело било архитектонско и техничко чудо, зборувал Волфенсбергер.
Градот се развивал бавно, а на крајот се состоел од речиси 2.000 нафтени бунари, поврзани со повеќе од 100 милји мостови и преку 95 милји нафтоводи и гасоводи. Седум нефункционални бродови биле одвлечени во областа и намерно потопени. Тие бродови формирале вештачки залив за да го заштитат градот од ветер и бранови, а некои сè уште се видливи на површината на водата каде што биле закопани.
Во текот на следните децении, во Нефт Даслари биле изградени сместувања за работници, пекарница, театар во кој можело да се сместат стотици луѓе, продавници, медицински установи, фудбалско игралиште и хелиодром. Дури и дрвјата и паркот биле засадени на челични конструкции. Некои во Азербејџан го нарекуваат „осмо светско чудо“, други го нарекуваат „остров на седумте бродови“, по потонатите бродови кои го опкружувале.
Градот има произведено речиси 180 милиони тони нафта во текот на 75 години, според азербејџанската државна нафтена компанија „SOCAR“, која е сопственик и управува со Нефт Даслари. Рекордот бил поставен во 1967 година, кога беа испумпани 7,6 милиони тони.
Намалување на вредноста
Но, во текот на изминатите децении градот повеќе нема таква вредност, поради отворањето на поголеми нафтени полиња и цената на нафтата. Производството се намали на помалку од 3.000 тони дневно (приближно еден милион тони годишно), па градот сега го снабдува само домашниот пазар. Ова го намали населението на околу 3.000, додека работниците обично работат 15-дневни смени на море, а потоа 15 дена дома на копно.
Поради солената вода и бурите на Каспиското Езеро, делови од градот пропаѓаат. Дури и во 2008 година, се урнаа големи делови од мостови, зборувал Волфенсбергер.
Исто така, имало и извештаи за излевање на нафта кои предизвикувале загриженост за загадувањето од Нефт Даслари, првенствено хемикалии што се испумпуваат во Каспиското Море. Сепак, ситуацијата е малку подобрена во последниве години и непосредно пред „COP29“, климатската конференција поддржана од Обединетите нации која ќе се одржи во Баку следната недела.
Неизвесна иднина
Долго време се поставуваат прашања за тоа што ќе се случи со Нефт Даслари кога нафтата ќе пресуши. На крајот од својот документарен филм, Волфенсбергер укажува на тешките одлуки со кои се соочуваат властите: демонтирање на градот по огромна цена, претворање во одморалиште или едноставно напуштање, што може да предизвика голема еколошка катастрофа.
Некои мислат дека ќе се пренамени, како и дека градот би можел да стане туристичка дестинација. Волфенсбергер верува дека би можел да стане музеј бидејќи ја претставува историјата на истражување на нафта во море.
Меѓутоа, за сега градот опстојува со производство на нафта, сè уште затворен од надворешниот свет и претставува симбол на нафтената индустрија во споро опаѓање.