Милан Младеновиќ е роден на 21 септември 1958 година во Загреб, а на 5 ноември 1994 година локалната рокенрол сцена ја погоди тажната вест дека во Белград почина еден од најголемите музичари и рок поети.
Милан Младеновиќ беше југословенски гитарист, пејач, текстописец и композитор, кој со својата работа со бендовите „Лимуново дрво“, „Шарло акробата“, „Катарина II“, „Екатерина Велика“, во антивоениот проект „Римтутитуки“ и последниот „Ангелскиот здив“, остави трага чии одеци се протегаат до денес.
Покрај песните кои останаа зад него, имал и бројни интервјуа во кои говорел за музиката и општеството, а неговите зборови се актуелни и денес, три децении по неговото заминување.
„Ова е причината поради која се занимавам со музика – оваа земја, овие луѓе. Тие се убави, паметни, интересни, поинакви луѓе. Постојат тука и оние другите – глупави и грди, па тоа создава еден емотивен набој кој те храни и те турка да направиш нешто, промениш нешто заради оние што се добри. Без разлика на сè, ова е земја во која сите би можеле да бидеме добро, само добро да се организираме. Затоа нема да одам никаде, но дефинитивно ќе патувам за да запознаам нешто поинакво“, изјавил во едно од последните интервјуа за „Ритам“ во 1994 година.
„Постојат многу малку бендови кои говорат нешто значајно за она со што сме опкружени сите во моментов. Затоа и овие млади луѓе се осврнуваат кон бендови од кои имаат што да слушнат. Зборуваме со едноставен рокенрол речник и им испраќаме пораки кои се многу јасни и недвосмислени за таа публика. Има и луѓе кои не се способни да ги разберат овие пораки, а кога ќе се обидат да пристапат кон нашата акција, доаѓа до недоразбирање. Секој со мозок во главата може да го најде животот кој сите го живееме во пораките на нашите песни. Горд сум на публиката која умее тоа да го дешифрира, бидејќи само ако се разбереме можеме да направиме нешто за да биде подобро за сите нас“, изјавил Милан Младеновиќ.
Се давал себеси без остаток, а сето грдо што се случувало влијаело на него.
„Мојата музика е црна колку што се „мрачни“ настаните околу нас. Ако ја погледнете нашата политичка и економска ситуација, нема да видите ниту еден сончев зрак. Во такви околности не можам да пеам весели песни и „денсачки“ песни, бидејќи тоа не е во склад со мојата личност. Ако некому ќе му биде полесно, тогаш нека ми ја класифицира музиката како темновиолетова!“, изјави тој за магазинот „Чао“.
Како што раскажал Зоран Костиќ Цане од „Партибрејкерс“ на една од трибините посветени на Милан Младеновиќ во „Националната библиотека на Србија“, „сè што се случувало во 1991 година него тешко го погодило“.
„Одеднаш сите завршивме во кафез за врапчиња. Како „Римтутутуки“ се боревме против нешто што дотогаш ни беше незамисливо. Мислевме дека луѓето ќе се вразумат. Нашата публика мораше да оди на бојното поле, а некои не се ни вратија. И тогаш Милан ги хранеше луѓето со вистината. Се сеќавам кога камионот „Римтутитуки“ застана пред Народниот театар, колку луѓе беа среќни што тој беше таму. Само Милан можеше да нè собере, тој беше човек на идеи и акција. Даде многу и доби само корнер“, изјавил Цане.
Во текот на летото 1994 година, додека во полн ек беа подготовките за издавањето на „Angel’s Breath“ и реализацијата на спотот за песната „Црв“, со целосен придонес на Милан, се појавиле здравствени проблеми кои, за жал, фатално го нарушиле понатамошниот тек на неговата кариера, ескалирајќи по концертот во Будва на 24 август 1994 година, последен кој го одржале „ЕКВ“.
По тој настап во Будва, на Милан му бил дијагностициран рак на панкреасот. Само неколку месеци подоцна, на 5 ноември 1994 година, тој засекогаш го напуштил овој свет. Имал 36 години. Милан бил погребан на Новите гробишта во Белград.
На погребот присуствувал речиси цел Белград. А последниот поздрав на Милан пред насобраната маса го упатил токму Цане.
„Ти го читам последното писмо. Јас, тебе. А кој за мене? Сега си замина за да се родиш некаде. Звук, моќ и енергија. Ти сè слушаш сега. Тоа што не се гледаме во моментов, не значи дека не сме заедно. Луѓето се овде да те испратат. Твоите луѓе. Момчето од водата на пурпурните длабочини на вистинската музика. Нека биде убаво, нека биде вистинско, нека се чуе. Само еден пат води до правдата, како што и сите зборови беа на твоја страна. И ветрот и земјата. Нека ова биде доста, нека биде умерено. Се гледаме сите“, навел Цане.
На годишнината од смртта на Милан, во Националната библиотека на Србија денес свечено ќе биде отворена Легат на Милан Младеновиќ. Со постојаната изложба посветена на Милан Младеновиќ како поет, најстарата културна институција во Србија дополнително укажува на уметничката вредност на неговото дело и рокенрол поезијата како културен феномен.
Наследството на Милан Младеновиќ се состои од ракописна збирка од голем број песни, лична библиотека која содржи околу 200 публикации, фотографска збирка од 260 снимки, збирка плочи и касети, како и други работи кои Фондацијата Милан Младеновиќ ги предала на Националната библиотека на Србија на чување пред неколку години. Дел од тоа наследство ќе биде дел од постојаната изложба на Легатот на Милан Младеновиќ.
Автор на концептот на изложбата е Добрила Денегри, историчар на уметност и куратор.
„Националната библиотека на Србија го препозна делото на голем уметник како дело кое со право може да си го најде своето место во неа. Иако се работи за дело што претставува спој на различни уметнички јазици, во него важна улога има литературниот јазик, а највредниот дел од споменатото наследство се ракописите на текстовите, т.е. тетратки и поединечни листови, кои сочинуваат составен дел на синкретичката уметност на Милан Младеновиќ, која со својата бескомпромисна потрага по вистината претставува противтежа на речиси целиот свет денес“, изјавиl по тој повод Владимир Пиштало, директор на Националната библиотека на Србија.