Бројот на загинати во Нови Сад се искачи на 14 лица меѓу нив и шестгодишно дете: граѓаните оддаваат почит

Макфакс

01/11/2024

20:06

2.236

Големина на фонт

а а а

Четиринаесет лица загинаа во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, изјави министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кој кажа и дека спасувачката акција се уште трае.

Шестгодишно дете е меѓу загинатите во уривањето на настрешницата во Нови Сад, изјави Дачиќ.

„Гагиќ, еден од шефовите на управата за вонредни ситуации, заплака кога виде дека е убиено и шестгодишно дете“, рече тој.


Под урнатините имало и девојка, која била извлечена по повеќе од четири часа. Нешто после 16 часот и 30 минути е извлечено уште едно лице. Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ изјави дека се повредени повеќе од 30 лица. Инаку, под настрешницата имало клупи и на нив во моментот на падот имало голем број граѓани. Во сабота во цела Србија е прогласен ден на жалост, а во Нови Сад три дена.

Несреќата се случила денеска нешто пред 12 часот. Голем број амбулантни возила се на терен. Има багери и тешка механизација, кои се обидуваат да го расчистат паднатиот дел од настрешницата на зградата. На терен се и пожарникари, жандармерија.

Инаку според написите во тамошните медиуми, оваа зграда за прв пат била реновирана во периодот од 2021 до 2022 година, а по неколку месеци повторно започнало реновирањето на истата зграда. Официјално била отворена на 5 јули годинава.