Весникот „Haaretz“ се соочува со рестрикции од израелската влада, откако издавачот ги нарече Палестинците „борци за слобода“

Точка

01/11/2024

19:23

1.228

Големина на фонт

а а а

Израелскиот весник се соочува со рестрикции, откако издавачот, Амос Шокен го нарече и го осуди „режимот на апартхејдот“ во Израел и повика на воведување на санкции за оваа земја.

Издавачот на весникот „Haaretz“ се најде на удар на израелската влада откако ги спомена палестинските „борци за слобода“ во текот на неговиот говор во Лондон.

Поради овој негов говор на конференцијата во Лондон, неколку министри од израелската влада повикуваат на запирање на активностите на весникот, известува „Middle East Eye“.

„На владата на Нетанјаху не ѝ е гајле што го наметнува суровиот режим на апартхејд врз палестинското население“, изјави Амос.

„Таа ги отфрла трошоците кои се појавуваат на двете страни за одбрана на израелските населби додека се борат против палестинските борци за слобода, кои Израел ги нарекува терористи“.


По негодувањето на израелската јавност, Шокен ја појасни својата изјава велејќи дека не ги смета припадниците на Хамас како „борци за слобода“ и нагласи дека ги поддржува борците за слобода кои не користеле „тероризам“.

Меѓутоа, израелскиот министер за комуникации Шломо Кархи во четвртокот поднесе предлог со кој повикува на голем број владини ограничувања за весникот „Haaretz“ како резултат на изјавите на Шокен.


Меѓу новите предлози издадени од канцеларијата на Кархи се дека владата: „Нема да склучува нови договори со „Haaretz“, вклучително и индивидуални претплати за државните службеници, ниту да ги обновува постоечките договори; сите сегашни договори со „Haaretz“, вклучително и личните претплати, ќе бидат откажани и ќе бидат законски изводливи“.

Исто така, се вели дека владиното биро за рекламирање треба: „Да побара од „Haaretz“ да ги прекине сите реклами, вклучително и законските известувања, без оглед на статусот на плаќање, и да бара враќање на средствата за сите постоечки плаќања, и нема да има понатамошно рекламирање во весникот“.

Исто така министерот за правда Јарив Левин, во четвртокот испрати писмо до државниот обвинител Гали Бахарав-Миар во кое бара овластувања за ограничување на работењето на „Haaretz“.


„Барам итно да ми доставите нацрт-закон со кој се пропишува дека активностите на израелските граѓани за промовирање или поттикнување меѓународни санкции кон Израел, неговите водачи, безбедносни сили и граѓани ќе претставуваат кривично дело казниво со десет години затвор“, напиша тој.

„Понатаму барам таквиот прекршок за време на војна да се смета за отежнувачка околност, овозможувајќи двојно зголемување на казната“, додаде Левин.


Тој, исто така, ги наведе коментарите на Шокен од неговиот говор преку кој повика на воведување санкции против израелските владини претставници.

„Повиците за санкции против Израел, претставуваат сериозно прекршување на основната должност за лојалност на граѓанинот спрема неговата земја. Ваквите дејствија промовираат активности насочени кон одземање на правото на самоодбрана на Израел“, напиша Левин.


„Haaretz“, левичарскиот весник, кој е силно критички настроен кон владата на Нетанјаху и кој нуди простор за пропалестинските ставови, и претходно се соочуваше со постојани повици за цензура од десничарските, израелски политичари.