За многумина добар бургер не може да се замисли без оваа состојка: Дали знаете дека истата може да доведе до зараза со ешерихија коли?

Точка

01/11/2024

17:42

4.582

Големина на фонт

а а а

Храната или водата контаминирана со ешерихија коли е најчестиот пат на заразување со оваа бактерија. Недоволно измиената зелена салата е една од ризичните намирници, а токму кромидот е идентификуван како потенцијална причина за неодамнешната масовна инфекција со ешерихија во САД.

Ешерихија коли (Escherichia coli – E. coli) е голема група бактерии – некои видови се безопасни, додека други можат да предизвикаат болест која понекогаш е опасна по живот, пишува „Блиц здравје“.

Тоа најдобро го покажува случајот пред една недела, кога едно лице починало, а најмалку 75 лица се заразиле со ешерихија, откако јаделе хамбургер од „Мекдоналдс“ во 13 американски држави. Две лица имаат сериозни компликации со бубрезите.


Истрагата е во тек, а истражителите се фокусирале на сечканиот кромид што се користел во плескавиците, како и на плескавиците од говедско месо. Како што сега објавија официјални лица од американскиот Центар за контрола на болести и здравје (ЦДЦ), свежиот, сечкан кромид во хамбургерите е веројатниот извор на оваа епидемија на ешерихија.

Како се пренесува ешерихија?

Одредени соеви на ешерихија коли може да предизвикаат дијареја (пролив) кај луѓето, додека други предизвикуваат инфекции на уринарниот тракт, заболувања на респираторниот тракт и пневмонија (воспаление на белите дробови).

Некои видови на ешерихија коли предизвикуваат болест создавајќи го т. н. Шига токсин. Овие бактерии се нарекуваат Шига токсин-произведувач на ешерихија коли или скратено СТЕК, е објаснето на веб-страницата на српскиот Институт за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“.

Од Институтот „Батут“ објаснуваат дека инфекцијата настанува со голтање на бактеријата, едноставно кажано, кога невидливиот дел од заразената столица на човек или животно го ставаме во устата, а тоа се случува:


• Со консумирање на контаминирана храна, непастеризирано млеко, хигиенски неисправна вода за пиење

• При контакт со добиток или измет на заразени лица.

Ризични намирници

Некои видови намирници се сметаат за особено ризични, како што се:

• неварено млеко

• непастеризирани сокови

• меки сирења подготвени од неварено млеко.

Понекогаш контактот е пресуден за појава на инфекцијата, па затоа се разболуваат луѓето кои работат со добиток или негувателите кои, меѓу другото, менуваат пелени. Понекогаш може да се заразиме со консумирање на контаминиран хамбургер или недоволно измиена салата – наведуваат од „Батут“.

Луѓето понекогаш се заразуваат со пливање и голтање езерска вода во чија околина има добиток, во зоолошки градини или со јадење храна подготвена од луѓе кои не ги мијат рацете по користење на тоалетот.

Основни симптоми на инфекцијата


• грчеви во стомакот

• дијареја (често крвава столица)

• Повраќање

• може да се појави и зголемена температура, која ретко надминува 38,5 степени Целзиусови.

Симптомите обично се појавуваат 3-4 дена по внесувањето на бактериите во организмот, иако понекогаш може да се појават и по 10 дена.

Прво се појавуваат благи симптоми, во вид на слаби болки во стомакот, без крвава, течна столица, но симптомите се интензивираат и состојбата се влошува секој нареден ден.

Откажување на бубрегот е една од последиците

Повеќето луѓе закрепнуваат по 5-7 дена. Сепак, околу 5-10 отсто од луѓето со оваа инфекција имаат компликации опасни по живот, како што е хемолитичен уремичен синдром (ХУС). Малите деца и постарите лица се изложени на ризик да развијат овој синдром.

Луѓето со овој синдром најчесто имаат симптоми како што се:

• често уринирање

• замор

• изразено бледило на кожата.


 Сите овие се знаци на намалена функција на бубрезите и овие лица бараат хоспитализација, бидејќи може да дојде до откажување на бубрезите. Лицата со ХУС, со медицинска нега, закрепнуваат за неколку недели, но некои може да имаат трајни последици, а тоа може да доведе и до смртен исход – нагласуваат од Институтот „Батут“.

Периодот на заразеност може да трае со месеци

СТЕК обично исчезнува од столицата откако ќе престанат симптомите на болеста, но може да се излачува и со недели по закрепнувањето. Продолженото пренесување на микробите е карактеристично за малите деца.

Мерки за превенција

• Задолжително миење на рацете по користење на тоалетот, ако менувате пелени и пред подготвување и јадење храна.

• Задолжително миење на рацете по контакт со животни и нивно опкружување.

• Гответе го месото на минимална температура од 70 степени Целзиусови. Промената на бојата е сигурен показател.

• Избегнувајте неварено млеко, непастеризирани млечни производи и непастеризирани сокови.

• Избегнувајте голтање вода кога пливате во базени, езера…

• Спречете вкрстена контаминација во просториите каде што се подготвува храната, со темелно, често миење на рацете и на приборот што се користи.