Документарниот филм „Super/Man: The Christopher Reeve Story“ настојува да одговори на прашањето од што се состои херојот прикажувајќи го животот на покојниот актер кој некогаш го глумеше „човекот од челик“, но остана парализиран по несреќа со јавањето.
Документарецот, кој започна да се прикажува во кината во Велика Британија во петокот, го прикажува подемот на Рив до ѕвездите, благодарение на филмот „Супермен“ од 1978 година, како и неговиот активизам и потрагата по лек за неговата повреда на кичмена мождина откако стана квадриплегичар.
Филмот содржи интервјуа со неговите три деца, Метју, Александра и Вилијам, и богата архива на домашни снимки пред и по несреќата на страсниот спортист која се случи во 1995 година.
Рив, кој глумеше во четирите филмови за Супермен но и во други филмови, почина во 2004 година од срцева слабост на 52-годишна возраст. Додека неговата сопруга Дана почина 17 месеци подоцна од рак на белите дробови, на 44 годишна возраст.
Децата на Рив и ко-сценаристите, Иан Бонхот и Питер Етедгуи изјавија дека филмот се обидува да пронајде рамнотежа, покажувајќи ги и силните и слабите страни на Рив.
„Тој секогаш беше многу отворен и искрен … По несреќата, тој отворено зборуваше за сите видови медицински проблеми, за неговите надежи за идни истражувања“, рече Метју Рив, додавајќи дека со филмот настојуваат да му оддадат признание на „тој аспект на неговата искреност“.
Кристофер и Дана Рив станаа активни во хуманитарната работа и се залагаа за луѓето кои живеат со посебни потреби, а исто така собираа парични средства за истражување на лек за парализа.
„Татко ми и мајка ми придаваа многу малку важност на популарноста и јавниот успех. Тие најмногу се грижеа за здравјето и љубовта во семејството“, вели Вил Рив.
„Тие не се гледаа себеси како нешто повеќе од две суштества кои само се обидуваат да поминат низ животот најдобро што можат“, додаде тој.
Филмот ги воодушеви критичарите и публиката
Документарниот филм „Super/Man: The Christopher Reeve Story“ имаше своја премиера на филмскиот фестивал „Sundance“ во јануари оваа година, каде што ги воодушеви критичарите, а трејлерот и се допадна и на публиката.
„Тој беше Супермен, и во реалниот живот и на големото платно. Почивај во мир легендо“, напиша еден обожавател на Јутјуб.
„Многу тажна приказна, но знам дека овој документарец ќе му оддаде признание на неговото наследство“, напиша еден корисник на Редит.
„Тој е херој“, напиша трет, додека друг додаде: „Не можам ни да го гледам трејлерот до крај бидејќи не сакам колегите да ме видат како плачам“.