Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Нусер Мазрауи ќе паузира најмалку два месеци поради срцева аритмија.
Како што пренесуваат светските медиуми, 26-годишниот марокански фудбалер превентивно успешно бил подложен на помала корективна процедура откако почувствувал палпитации на срцето.
Репрезентативецот на Мароко се очекува целосно да закрепне за не повеќе од осум недели и би можел повторно да биде достапен за менаџерот Ерик Тен Хаг во декември.
Медиумите потсетуваат дека поради последиците од коронавирусот, Мазрауи мораше да отсуствува од фудбалот за да се избори со воспаление на срцевото ткиво во јануари 2023 година. Еден месец подоцна се врати на тренинзите, но повторно беше на терен дури во март .
Мазрауи се пресели во Манчестер Јунајтед во летото 2024 година од Баерн Минхен. Пред тоа играше за Ајакс. .
Оваа сезона Мазрауи беше стандарден во тимот на „црвените ѓаволи“. Ги започна сите седум натпревари во Премиер лигата, а одигра вкупно 10 натпревари во сите натпреварувања.