Со мнозинство гласови денес Уставниот суд укина делови од одредбите одредби на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Методологијата за планирање на вработувањата на јавниот сектор, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас, Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавен сектор кои ги содржат зборовите „припадност на заедница,, како спротивни на Уставот.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по одлуката, повеќе од половина час ги образложуваше причините поради кои ја донеле одлуката за укинување имајќи предвид дека се работи за чувствителната тема за јавноста, која предизвика остри напади и обвинувања лично за него и за Уставниот суд.
„Прво сакам да кажам дека лага и манипулација тврдењето дека Уставниот суд со својата одлука укинал права на која било заедница. Тоа не е точно. Ние сме чувари на Уставот таков каков што е. Темелната соодветна и правична застапеност е тука, во Уставот и таа постои. Не може воопшто да стане збор за укинување на нечие право. Апелирам до граѓаните, до државните органи, политичарите ако навистина и мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови и заложби за владеење на правото, за европски вредности да ги усогласат со своите постапки. Секое делување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните каква што беше манипулацијата дека судот со своето постапување по ова или по кој било друг предмет, може да ги наруши политичките, етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Секој, вклучително и политичарите, треба да ги почитува одлуките на судот. Не да ги политизираат и да ги етнизираат“, рече претседателот Костадиновски.
Нагласи дека ниту тој ниту Уставниот суд ниту досега правеле ниту отсега ќе прават компромиси со кого било и порача дека ако некој сака да продолжи да глуми дека имаме држава во која владее правото, тоа не е проблем на Уставниот суд. Нагласи дека балансерот како мерка бил воведен во 2001 година оти бил неопходен затоа што нашиот поредок во тој момент имал аномалија која треба да се исправи
„Мерката била нужна и неопходна. Но се поставува прашањето дали е исцрпена смислата на нејзиното постоење. Бројните репорти покажуваат дека таа е исцрпена во својата примена. Тоа значи дека кога ќе се судрат темелни вредности, ние судиите често при расправа за предмети се соочуваме да цениме кога имаме судир на уставни вредности. На пример, неспорно е дека темелната вредност соодветна и правична застапеност постои во нашиот уставен поредок, но постојат и други. Таква една е слободата на изразување на националната припадност. Друга таква е членот 9 принципот на еднаквост меѓу граѓаните, таква една е и дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, таква е забраната за дискриминација по кој било основ. Кога вагаме, кога имаме случај на судир, ние превагнуваме која од овие уставни вредности во дадениот момент на нашата уставна реалност превагнува или прави потешка повреда на Уставот“ објасни претседателот Костадиновски.
Афирмативните акции, како што според Костадиновски, несомнено претставува нашата темелна вредност правична и соодветна застапеност има два клучни приципа. Едниот е нееднаквост во нееднаковоста, другиот е нееднаквост во еднаквоста.
„Двата, со оглед на тоа кој ќе биде применет, даваат сосема различни резултати. Ако се примени принципот нееднаковост во еднаквоста ние денеска немаше да расправаме за катастрифална состојба во поглед на услугите што државата треба да ги пружи на граѓаните за да си ги заштитат своите права. Што значи нееднаковост во еднаковоста? Тоа значи дека ако јас и вие на некој конкурс сме добиле 100 поени, јас сум од мнозинската заедница, вие сте од некоја од помалите заедници, вие ќе ја добиете предноста. Што значи нееднаквост во нееднаквоста? Ако јас како припадник на мнозинската заедница и вие од малцинската заедница добиете 40 поени, а јас 100 поени и вие ја добиете предноста, дали тоа ќе ни даде нас добар, стручен и компетентен јавен сектор? Апсолутно не“, рече Костадиновски.
Задолжителен елемент за јавен оглас за вработување повеќе нема да биде националната припадност оти никому со закон не смее да му се наложи да се изјасни. Податокот за национална припадност повеќе не може да се бара, собира и регистрира. Костадоновски ги повика пратениците, како законодавна власт, да донесат уставно втемелени измени или нови законски решенија за кои искуства може да црпат од канадското или американското општество кои се помултинационални од нашето.