Атлетичарот од Уганда Део Като, кој од јули 2023 година трча од Јужна Африка кон Лондон за да ја крене свеста за расизмот, во недела (утре) се очекува да пристигне во британската престолнина по 516 дена патување и 12.440 километри.
Во текот на неговото долго патување, Като бил притворен, заболел од тешки болести и морал да помине низ воени зони, пишува Гардијан.
Тој одлучил да ја започне оваа иницијатива за да го сврти вниманието на историјата на човечката миграција и дискриминацијата со која се соочуваат многумина Африканци.
Като се очекува да пристигне во Лондон утре, каде ќе им се придружи на стотиците тркачи кои ќе се соберат пред Даунинг стрит, резиденцијата на британскиот премиер Кир Стармер, а потоа ќе го заврши своето патување во Хамерсмит, западен Лондон.
Тркачот изјави дека во текот на своето долго патување се соочил со најголеми предизвици за време на престојот во Европа, каде што доживеал расистички напади, а особено во Хрватска, каде што постојано бил запиран од полицијата и каде бил обвинет дека е „илегален мигрант“. „Полицијата ме запираше најмалку четири пати на ден. Понекогаш забележував локални жители како ме фотографираат, а потоа ме пријавуваат во полиција“, рече тој.
Целта на неговото патување е да укаже на важноста на миграцијата и да ги оспори, како што истакнува Гардијан, расистичките ставови дека „луѓето треба да се вратат таму од каде што дошле“.
Като верува дека миграцијата може да придонесе кон создавање на „културно поврзано и збогатено глобално општество“.
„Мислам дека во иднина ќе создадеме свет ослободен од расна дискриминација“, рече Като.
„Иако тоа нема да се случи во текот на мојот живот, верувам дека моите напори и оние на другите кои се посветени на оваа кауза ги поставуваат темелите кои наредните генерации ќе ги надоградуваат“, додаде тој.