Навивачите на Манчестер Јунајтед со се поголемо нетрпение чекаат отказно решение за Ерик Тен Хаг, па иако поддршка за ваквиот став имаат и голем број познати легенди на клубот, има и такви кои се на страна на Холанѓанецот.
Вејн Руни во својата анализа посочи дека Тен Хаг не е главниот проблем на Јунајтед, а добро мислење за актуелниот менаџер има и човекот кој исто така мина низ сериозен медиумски притисок пред десет години.
Дејвид Мојс беше човекот кој го наследи пензионираниот Сер Алекс Фергусон и кој не се задржа долго на „Олд Трафорд“, но бидејќи знае низ што се минува еден менаџер на Јунајтед, доскорешниот предводник на Вест Хем тврди дека Ерик врши брилијантна работа во клубот.
Мојс е фасциниран од начинот на кој Тен Хаг се справува со најтешки ситуации под голем притисок, па затоа верува дека заслужува и поголема поддршка од новинарите кои сепак на големо пишуваат за негов можен отказ.
– Мислам дека Тен Хаг врши брилијантна работа во Јунајтед. Покажа брилијантна издржливост во многу теки ситуации и мора да му се оддаде признание за тоа како се однесува. Не зборувам само за реакциите на тимот, туку и за тоа како се однесува со медиумите и новинарите.
– Не прескокнува ниту едно незгодно прашање кое му се поставува, мислам дека заслужува признание за тоа. Тој се наоѓа на место кое носи нестварен притисок, луѓето постојано зборуваат и затоа ќе кажам дека неверојатно добро се справува со сето тоа. Врши брилијантна работа како менаџер, – вели Дејвид Мојс.