Катастрофалните поплави уништија еден од најубавите делови на Босна и Херцеговина. Само на подрачјето на Јабланица, како последица на поплавите загинаа 17 лица, а се стравува дека бројката ќе биде многу поголема со оглед на тоа дека десетици луѓе сè уште се водат за исчезнати.
Јабланица е општина во северна Херцеговина, административно ѝ припаѓа на Херцеговачко – неретванската жупанија. Ова сликовито гратче опкружено е со планини и реки, како и недопрена природа која привлекуваше бројни туристи и авантуристи.
Природни убавини
Една од главните атракции на овој крај е реката Неретва и погледот врз неа од Јабланичкиот мост. Таму се наоѓа и „Музејот на борбата за ранетите на Неретва“.
Тука е сместена и планината Прењ, позната и како „Хималаите на Херцеговина“, чиишто врвови како што е „Зелена Глава“, нуди спектакуларен поглед на околниот крајолик.
Јабланичкото езеро претставува уште една природна убавина која доминира на ова подрачје, а создадено е како резултат на изградбата на хидроелектраната на реката Неретва, и стана вистински магнет за локалното население и за туристите.
Јабланица – најтешко погодена од поплавите
Уништени се голем број на куќи, улици, мостови, па дури и железничката пруга, а се бара сместување на голем број локални жители кои останаа без своите домови.
„Досега е утврдено дека загинале 16 лица“ изјавија од Министерството за внатрешни работи, додека според неофицијалните информации загинати се 17 лица.
Јабланица е најтешко погодена општина како резултат на вчерашните поплави, а во населбата Долна Јабланица се трага за повеќе десетици лица, и се стравува дека бројката на загинати ќе биде многу поголема.
Инаку, поплавени се и подрачјата Кисељак, Крешево, Вареш.