Раперот Шон Комбс, попознат во јавноста како Пи Диди, неодамна беше уапсен за рекет, трговија со луѓе и други криминални дела и се наоѓа во притвор во Бруклин, Њујорк.
Набргу откако беше уапсен, тој беше ставен под надзор поради можност за самоубиство, а сега наводно веќе не е под надзор, пренесува „People“.
Раперот во последните денови добивал посети од блиски луѓе, а адвокат од неговиот тим изјавил дека раперот е „фокусиран и многу силен“ и дека „се концентрира на својата одбрана и се подготвува за судењето“. Судењето на Диди треба да се одржи следниот месец.
Извори претходно изјавија за „People“ дека раперот бил ставен под надзор поради можност од самоубиство бидејќи по неговото апсење не било јасно во каква ментална состојба е и дали бил шокиран.
По многубројните обвинувања за сексуална злоупотреба, силување и други работи, раперот во петокот беше обвинет и од жена која тврди дека неколку пати ја силувал и ја дрогирал. Наводно после тоа таа останала бремена. Покрај раперот, таа ја тужеше и неговата компанија, неколку соработници и од нив бара отштета за физички повреди, емоционален стрес, понижување, анксиозност и друго.
Неидентификуваната жена во тужбата навела дека Комбс сексуално ја злоставувал додека била дрогирана и тврди дека тој и неговите соработници ја снимале без дозвола. Таа вели дека раперот го запознала во 2020 година и дека нападите продолжиле до јули оваа година. Навела дека раперот ја принудувал да доаѓа во неговите домови во Њујорк, Лос Анџелес, Мајами и други градови.
„За време на секоја посета, Комбс ја терал да изведува шоу за него и ѝ давал алкохол и дрога додека не се онесвести – се будела со модринки и повреди, но без сеќавање за тоа како се здобила со истите“, се вели во извештајот.
Непознатата жена рекла и дека во 2022 година раперот ја принудил да консумира дрога за која верува дека била кетамин и дека таа се онесвестила. Подоцна дознала дека е бремена, а соработниците на Комбс ѝ наредиле да абортира. Подоцна доживеала спонтан абортус.
Потоа, во јули оваа година, Диди ја принудил да дојде во неговиот дом во Мајами, каде ја дрогирал, па следното утро таа се разбудила без сеќавање на претходната ноќ. Во тужбата жената тврди и дека раперот и неговите соработници ја следеле и ги прислушкувале сите нејзини разговори. Неколку дена претходно Диди беше тужен од друга жена која рече дека музичарот и неговиот шеф на обезбедувањето ја силувале во 2001 година и снимиле сè.