Скопје на 30 септември доби вечер каква што ретко се гледа на домашната сцена. Црвен тепих, шампањ, виолини, саксофон и клавир, свеќници, перје, бисери и тешки црвени кадифени завеси ја создадоа атмосферата на гламурозните забави од 20-тите години на минатиот век.
Станува збор за „The Haute Wed Gala 2026 by Atelier Per Sempre“, настан кој модната ревија ја претвори во вистински сценски спектакл со елементи на кабаре, музика, танц и театар.
Уште при пристигнувањето беше јасно дека гостите ги очекува нешто поинакво. Црвениот тепих и чашата шампањ беа само вовед во вечерта, додека големиот број фотографи дополнително придонесе за атмосферата која потсетуваше на големите холивудски настани.
Посебен дел од целата приказна беше и дрес кодот инспириран од 20-тите години. Гостите целосно го прифатија концептот, па вечерта беше исполнета со елегантни комбинации, впечатливи модни детали, перје и бисери.
Домаќин на вечерта беше актерот Жарко Димоски, кој во последниот период гради кариера и во Србија. Тој не остана само во улогата на водител, туку со својот вокал и актерски перформанс стана еден од главните протагонисти на кабарето.
На сцената му се придружија Полина Тасева и Ана Петановска со своите вокални изведби, а програмата беше надополнета и со перформанси на танчарки на шипка. Комбинацијата од музика, глума и танц создаде атмосфера инспирирана од стариот Холивуд и за момент ја претвори вечерта во сцена од некое друго време.
Секако, во центарот на настанот остана модата.
Пред присутните беа претставени венчаници со изразена винтиџ нота и елементи кои го носат шармот на минатите времиња. Наместо класична модна ревија во која креациите едноставно се појавуваат една по друга на пистата, тие беа вклопени во целокупната сценографија и приказна на вечерта.
Зад организацијата стоеше Сандра Матеска, која за пригодата се појави во елегантна бела креација, заедно со својот сопруг Денис Блат, кој го следеше стилот на вечерта со смокинг и шапка.
Матеска и претходно покажа наклонетост кон ваков тип раскошни настани. Пред извесен период таа имаше тридневна свадбена прослава во замок во Франција, со џез и луксузна атмосфера, а дел од тој раскошен пристап овојпат беше пренесен и во Скопје.
На листата на гости имаше личности од различни сфери – од политиката и дипломатијата до модата, музиката и социјалните мрежи. Меѓу познатите лица кои присуствуваа беа Катарина Ивановска, Калтрина, Елена Најдоски, Ненад Сињори со сопругата и Милена Танаскоска.

Режијата на „The Haute Wed Gala 2026 by Atelier Per Sempre“ беше на Ѓорѓи Петрушевски, а целиот концепт очигледно беше поставен така што публиката да не присуствува само на презентација на венчаници, туку на комплетно сценско доживување.
Кадифените завеси, внимателно декорираните маси, свеќниците, музиката во живо и кабаретските настапи создадоа амбиент во кој модата беше само еден дел од приказната.

Вечерта заврши во разиграна атмосфера, со танцување на гостите, додека Сандра славеше заедно со жените од своето семејство.
„The Haute Wed Gala“ за првпат се одржа минатата година, а со второто издание настанот веќе почнува да добива форма на традиција. Ако идејата беше Скопје барем на една вечер да ја почувствува елеганцијата и раскошот на некои минати времиња, тогаш сценографијата, модата и целата програма беа поставени токму во тој дух.



















