Во јавните набавки има корупција која е последица на политичките интереси, во цените има големи разлики, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации

Макфакс

30/09/2024

11:32

963

Големина на фонт

а а а

Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки, кој вклучува и анкети со фирмите и со претставниците на државните институции; Индексот на рационалност каде што се споредени цените по коишто различни институции набавувале сосема ист и производи или услуги и анализа и база на податоци за јавните набавки на општините за 2023 година.

Клучните наоди од овие истражувања како што информираат од центарот покажуваат дека јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 % повеќе од претходната година.

Според мониторингот на јавни набавки, просечниот број понуди по тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис -секторот во фер натпревар на набавките.

„41 % од лицата за јавни набавки по државните институции сметаат дека во набавките често има корупција. Најголем дел од нив велат дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси, и дека поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите. И 51 % од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 % од компаниите вклучени во истражувањето.

Индексот на рационалност открива големи разлики во цените по коишто институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари. Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, општините за набавки потрошиле 40 % повеќе пари од претходната година и дека само десет фирми добиле 25 % од вредноста на сите тендери“.