Две лица пронајдени мртви во пожар во Грција

Макфакс

30/09/2024

10:14

2.005

Големина на фонт

а а а

Две лица се пронајдени мртви во шумски пожар што беснее неконтролирано во планинска област во централната грчка провинција Коринт, предизвикан од силните ветрови, соопштија грчките власти.

Стотици пожарникари и девет авиони се борат со пожарот што избувна во неделата во близина на крајбрежниот град Ксилокастро на полуостровот Пелопонез, на околу 120 километри западно од Атина. Поради пожарот неколку села се евакуирани.

Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду рече дека пронајдените тела се изгорени и дека се потребни лабораториски тестови за нивно идентификување.

Грчкото Министерство за цивилна заштита соопшти дека е отворена истрага за случајот.

Грција се соочи со најжешкото лето оваа година по најжешката зима досега, при што големи области добија малку или без дожд.