АХВ: Водата во Струмица не е безбедна за употреба поради зголемено присуство на манган и колиформни бактерии

Макфакс

29/09/2024

16:54

440

Големина на фонт

а а а

Инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение со кое ја забрани за употреба водата од струмичкиот водоснабдителен систем.

Како што денеска соопштија од АХВ, решението е донесено врз основа на добиено известување од струмичкото јавно претпријатие „Комуналец“ и од Центарот за јавно здравје – Струмица, дека по извршените лабораториски тестирања утврдено е дека водата во струмичкиот водоснабдителен систем не е безбедна за употреба поради утврдено зголемено присуство на манган и колиформни бактерии.


„На јавното претпријатие, наложено му е да го информира месното население да не ја користи за пиење водата од градскиот водовод, односно, да обезбеди питка вода за граѓаните, се до обезбедување на безбедна вода во градскиот водоснабдителен систем“, соопштија од АХВ.

Што се колиформни бактерии?

Колиформните бактерии често се сметаат за показател дека може да има нешто посериозно што го загадува системот за вода за пиење, конкретно бактеријата Eшерихија коли. Колиформните бактерии се безбојни, без мирис и вкус и единствениот начин да се детектираат во водата за пиење е преку поднесување примерок за лабораториско испитување.


Бактериска контаминација може да произлезе од повеќе извори. Овие извори вклучуваат површинско истекување кое содржи животински отпад од кучиња или други локации каде што е натрупан животински отпад. Човечкиот отпад, исто така, може да биде извор на бактериска контаминација, најчесто од неисправен систем за отпадна вода на лице место, како што се станбени септички јами. Дополнителни извори на контаминација вклучуваат инсекти, глодари или други животни.



Спонзорирани линкови

Маркетинг