Зеленски и Столтенберг во Њујорк разговараа за украинските амбиции за членство во НАТО

Макфакс

25/09/2024

16:40

181

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за потребата од зајакнување на украинската воздушна одбрана и за патот на Украина кон членство во Алијансата.

Зеленски на својот канал „Телеграм“ објави дека на состанокот одржан на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, му се заблагодарил на Столтенберг за неговата поддршка на Украина за време на неговиот мандат како генерален секретар на Алијансата, како и за напорите за обединување на светот да му помогне на Киев и да ја зајакне украинската армија, пренесе Укринформ.


Украинскиот претседател изјави дека на средбата се разговарало и за фактот дека Украина треба што поскоро да добие покана за членство во НАТО, како и за важноста од навремено спроведување на сите договори од самитот на Алијансата одржан во јули во Вашингтон, oдносно дека земјите-членки ги исполнуваат своите обврски во врска со издвојувањето на 40 милијарди евра за следната година.

За време на самитот на НАТО во Вашингтон, кој се одржа од 9 до 11 јули, лидерите на САД, Холандија, Германија, Италија и Романија најавија трансфер во Украина на пет стратешки системи за воздушна одбрана „патриот“, како и десетици тактички системи за противвоздушна одбрана.

Зеленски присуствува на 79. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а денеска треба да се обрати пред учесниците на сесијата.

САД и многу други членки на НАТО не сакаат Украина да се приклучи на Алијансата, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој за медиумскиот сервис „NBC News“ рече дека е неопходно да се донесе одлука за ова врз основа на „актуелните реалности“.

– САД, пред се, не сакаат да ја гледаат Украина како членка на НАТО, ниту многу други членки на Алијансата, – рече Ердоган.



Спонзорирани линкови

Маркетинг