Американецот Фред Хејген, кој како патник учествуваше во експедицијата на компанијата "Oceangate" до потонатиот брод Титаник во 2021 година, денеска пред истражната комисија на американската крајбрежна стража изјави дека патувањето до дното на океанот било прекинато поради механички дефект.
Тој во сведочењето беше претставен како „експерт за мисии“, односно патник кој платил за да учествува во истражувањето на потонатиот брод Титаник, користејќи ја подморницата Титан.
Хејген рече дека Титан веќе бил на пат кон Титаник кога биле забележани дефектите и дека станало јасно дека подморницата нема да дојде до остатоците, поради што нејзината мисија во 2021 година била прекината, пренесува "AP".
„Сфаќавме дека сè што може (Титан) да направи е да оди наоколу во круг, вртејќи надесно. Секој што сакал да продолжи бил во заблуда ако не мисли дека тоа е опасно, или го прифаќал ризикот“, рече Хаген.
За време на сведочењето во четвртокот, главниот научен директор на компанијата, Стивен Рос, им кажа на истражителите дека подморницата доживеала дефект само неколку дена пред патувањето до Титаник.
Претходно оваа недела, поранешниот главен извршен директор на "Oceangate", Дејвид Локриџ, рече дека често имал недоразбирања со ко-основачот на компанијата Стоктон Раш и чувствувал дека компанијата е единствено посветена на заработка.
Тој, исто така, сведочеше дека поднел жалба до федералната Администрација за безбедност и здравје при работа за компанијата, а портпаролот на агенцијата во четвртокот рече дека тврдењето на Локриџ веднаш било проследено до крајбрежната стража.