Новата серија на „Netflix“ ја следи приказната која го заинтригира светот во 1989 година: Дали ја знаете приказната за браќата Менендез?

Точка

20/09/2024

16:40

3.368

Големина на фонт

а а а

Повеќе од три децении откако Лајл и Ерик Менендез брутално ги убија своите родители во нивниот дом, новата драма на „Netflix“ ја раскажува застрашувачката приказна за браќата – и злобните мотиви зад убиствата како и судењето кое следело.

Серијата на Рајан Марфи го носи името „Monsters: The Lyle and Erik Menendez Story“, а главните улоги ги толкуваат Николас Чавез и Купер Кох како Лајл и Ерик, заедно со Хавиер Бардем и Клои Севињи како нивните родители.

Серијата е објавена по успехот на последната серија на Марфи во 2022 година за Џефри Дамер, која се занимаваше со животот и злосторствата на озлогласениот сериски убиец.

Во 1989 година, Лајл (56) и Ерик Менендез (53) ги застрелаа своите родители додека тие престојувале во нивната вила на Беверли Хилс. Тие беа судени двапати за убиство на нивните родители, во 1993 и 1996 година, а станаа таблоидна сензација откако тврдеа дека нивниот татко ги малтретирал.

Контроверзната серија ја раскажува приказната што го заинтригира светот и остави многумина поделени околу тоа дали браќата заслужуваат да го поминат остатокот од својот живот во затвор откако на виделина излегоа наводите за злоставување.

На 20-ти август 1989 година, Лајл, тогаш 22-годишен студент на Принстон, и Ерик, тогаш 19-годишен професионален тенисер, влегле во својата вила во Беверли Хилс, вредна 5 милиони долари и повеќепати ги застрелале нивната мајка и татко.

Откако ги убиле своите родители, двајцата браќа ги фрлиле оружјата на Малхоланд драјв и купиле билети за кино за да гледаат филм, а потоа се вратиле дома на местото на злосторството каде Лајл повикал Итна помош, наводно хистеричен поради сцената која ја затекнал.


Тие на почетокот тврделе дека се невини, додавајќи дека мафијата можеби ги извршила убиствата - со оглед на тоа дека и двајцата родители биле застрелани во колената. Подоцна, случајот доби пресврт кога браќата ги признаа убиствата преку нивниот терапевт од Беверли Хилс, Џером Озиел.

Неговата девојка Џудалон Смит отишла во полиција откако слушнала аудио снимка од тераписката сесија на која браќата разговарале за убиствата.

Лајл Менендез беше уапсен на 8-ми март 1990 година, пред домот на неговите родители, а Ерик беше уапсен на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес два дена подоцна.

Обвинителите верувале дека Лајл и Ерик ги убиле нивните родители затоа што сакале неограничен пристап до нивниот имот вреден 14 милиони долари. Им било судено двапати, при што браќата раскажале вознемирувачка приказна за тоа како нивниот татко сексуално ги злоставувал уште од детството.


За време на првото судење, браќата тврделе дека се соочиле со нивниот татко за неговото наводно злоставување и тој збеснал. Сепак, оваа постапка била прогласена за ништовна.

Повторно им било судено, а нивните тврдења за злоставување судијата ги прогласил за неприфатливи. И Лајл и Ерик беа осудени во 1996 година за брутално убиство на нивниот татко, Хозе Менендез, моќен бизнисмен, и нивната мајка, Мери Луиз „Кити“ Менендез.

Со текот на годините, во јавноста стигнаа тврдења од нивните членови на семејството дека Лајл и Ерик се жалеле дека се злоставувани, а дури еден пејач на бенд тврдел дека нивниот татко го злоставувал.



Спонзорирани линкови

Маркетинг