Со пиштол со калибар од 9 милиметри и преку перниче обвинетиот Љупчо Палевски Палчо пукал во главата на Вања Ѓорчевска, се наведува во обвинението за убиството на 14-годишното девојче што се случи лани во ноември во Скопје, а за кое судскиот процес почна денеска.
Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен, пренесе Пресс24.
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.
Во судницата се спроведени првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо заедно со обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски.
Судењето против петмината обвинети во процесот за двојното убиство почна денеска со читање на Обвинението. Обвинителите го нарекоа процесот еден од најтешките кривични настани во нашата земја.
На товар на обвинетите се две убиства и две грабнувања, што довело до смрт на Вања и на Панче.