Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед му се приклучи на Сеул во февруари оваа година.
Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед и англиски репрезентативец Џеси Лингард е казнет поради возење електричен скутер по улиците на Сеул без дозвола и шлем, соопшти денеска јужнокорејската полиција.
Лингард (31), играч од средниот ред кој сега игра за ФК Сеул, е казнет со 128 евра.
Фудбалерот на Инстаграм напиша дека не знаел за регулативите на Јужна Кореја за електричните скутери, вклучувајќи ја и обврската за носење кацига.
„Секој што ќе ја посети Јужна Кореја очигледно треба да ги провери правилата. Тоа може да биде опасно. Безбедноста на прво место, за сите – носење кацига. И секако дека нема да го повторам тоа“, напиша играчот.
Според британските медиуми, на Лингард минатата година му било забрането да вози 18 месеци, откако бил фатен како вози под дејство на алкохол во Манчестер.
Лингард дојде во Сеул во февруари оваа година, а за англиската репрезентација играше 32 пати и постигна шест гола.