Хари Кејн постигна четири гола во мрежата на Динамо Загреб и беше најголем виновник за историскиот потоп на „модрите“ во Европа, пораз кој вечно ќе се памети и ќе ги прогонува сите навивачи на клубот од хрватската престолнина.
За првпат во историјата на најелитното натпреварување еден тим прими девет гола во тек на 90 минути, а четири од нив беа дело на Кејн.
Во невидениот потоп за Хрватите и победата од 9:2, Кејн испиша и своја историја и стана најдобар англиски голгетер во историјата на Лигата на шампиони, надминувајќи го досегашниот рекорд на Вејн Руни (30).
ℹ️ Most goals scored by an Englishman in competition history:
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) September 17, 2024
⚽️3⃣0⃣ Wayne Rooney
⚽️3⃣3⃣ Harry Kane#UCL pic.twitter.com/B21xM5tzHD
Со четирите гола, Кејн стигна до 33 погодоци во европската елита, а по натпреварот со Динамо откри дека во ниту еден момент не мислеле да застанат и да го сожалат противникот.
– Сакавме да влеземе силно во Лигата на шампиони и успеавме во тоа. Бевме на високо ниво од почеток до крај, освен во оние почетни минути во второто полувреме. Сакавме да ја потврдиме добрата форма, а со овој резултат го добивме тоа. Компани побара од нас да бидеме немилосрдни. Еден гол, па друг, па трет, па четврт, одеа како по лента. Дојдовме до девет гола, но сакавме да постигнеме и 10 и 11. Мора така да продолжиме, мора така да размислуваме кога сме на теренот.
– Што се однесува за новиот англиски рекорд, за мене секогаш е посебна чест кога ќе ме стават во иста реченица со Вејн Руни. Кога ќе ве споменат заедно со него, значи дека сте направиле нешто многу големо. Тој е еден од најголемите англиски играчи во историјата и еден од најдобрите воопшто во фудбалот. Ова е убаво достигнување за мене и навистина сум горд, – изјави Кејн.