Избегнати трансфери на филмски начин! Освојувачот на Премиер лигата побегнал од клупските простории за да не ја промени средината

Точка

10/09/2024

22:22

2.606

Големина на фонт

а а а

Даниел Амарти на секој начин се обидувал да остане во Бешикташ.

Секакви работи се случуваа на фудбалскиот пазар летово, но најдобрата приказна доаѓа од Турција. Добро … Можеби не најдобра, но најсмешна без никакво сомневање. Имено, Даниел Амарти, поранешниот освојувач на Премиер лигата во дресот на Лестер, не сакаше да го напушти Бешикташ и на филмски начин успеа да го издејствува своето останување во Истанбул иако „орлите“ не сметаат на него со месеци.

Ал Шабаб од Дубаи се договори со турскиот клуб за отштета за Амарти, репрезентативецот на Гана се согласи на трансферот по притисокот од раководството на Бешикташ, а потоа реши да не се појави на аеродромот. Моќниот играч за врска не сакаше да се качи во авионот што ќе го однесе да потпише договор со Ал Шабаб, по што клубот од Дубаи реши да се откаже од целата зделка.


Многу брзо за неговите услуги се заинтересира уште еден турски клуб – Ејупсор, но Амарти ја отфрли можноста за промена на тимот, овој пат на уште посмешен начин. Имено, кога челниците на Ејупсор дојдоа да преговараат и да го потпишат договорот, асот од Гана истрча од клупската зграда преку споредна врата и избегна да ја промени средината.

„Амарти е многу чудна личност … Се договоривме со клуб од Дубаи, а тој не влезе во авионот. Истото беше случај и со екипа од Саудиска Арабија. Кога се договоривме со Ејупспор, тој само побегна низ задната врата од нашата зграда“, изјави портпаролот на Бешикташ, Хусеин Јуџел.


Репрезентативецот на Гана ја прифатил можноста за трансфер само во Германија или Англија, но бидејќи трансфер периодот во споменатите земји веќе беше завршен, таа зделка беше невозможно да се склучи. Наводно, Амарти се согласил да го напушти клубот во текот на зимата, но ќе видиме дали Бешикташ ќе успее да се ослободи од него.

Даниел Амарти има важечки договор до летото 2026 година и е еден од најплатените играчи во Бешикташ.