Мароко беше најголема сензација на Светското првенство во Катар кое се одигра пред две години, а убедливо најголемо откровение беше членот на овој национален тим, Азедин Унахи.
Луис Енрике му даде посебно внимание на играчот за врска и по изјавата на тогашниот шпански селектор сите ги вперија очите кон Унахи, кој не само што беше еден од најдобрите играчи на мундијалот, во продолжение се претвори и во голема мета на трансфер пазарот.
Иако се поврзуваше со неколку европски гиганти, Унахи направи вистински чекор со трансфер од Анже во Марсеј за 8 милиони евра, но една ипол година подоцна, стана јасно дека Азедин забележа голема пад во кариерата, кој сега го принуди да бара минутажа во нашето соседство.
Унахи не успеа да си пронајде клуб во предвидениот рок за топ 5 лигите во Европа, па така мораше да бара решенија по истекот на месец август, што направи да заврши во Грција.
Мароканецот ќе игра во Панатинаикос како позајмен фудбалер од Марсеј, клуб кој веднаш му стави до знаење дека не е во плановите за новата сезона по доаѓањето на Роберто Де Ѕерби.
– Трансфер пазарот беше навистина комплициран за мене. Минав низ многу тешки момент, но такви ситуации ги прават играчите уште посилни. Не сакам да ги повторам истите грешки, јас сум играч кој работи со срце и треба да се чувствувам сакано во клубот кој го претставувам. Тоа го чувствувам во Панатинаикос.
– Минатата сезона беше многу тешка за мене. Заработив повреда, а потоа следеа приватни проблеми кои немаа никаква врска со фудбалот. Сето тоа влијаеше врз мене. Не работев доволно и ги прифаќам последиците. Сега влегувам во новата авантура со нов менталитет, потребен ми беше клуб кој ќе ми помогне повторно да се концентрирам само на фудбалот, – изјави 24-годишниот Унахи.