Играч на Милан држел лекции во соблекувалната на Франција, ги замолкнал и капитените Мбапе и Гризман

Дерби

08/09/2024

12:41

3.723

Големина на фонт

а а а

Франција не изгледа воопшто добро во последно време и тоа го потврди и на натпреварот против Италија на стартот на новото издание во Лигата на нации, пресметка во која „триколорите“ беа целосно надиграни на домашен терен.

„Аѕурите“ славеа со пресврт и извојуваа победа од 1:3, а тоа донесе огромна загриженост во француската јавност, особено поради тоа што националниот тим изгледаше целосно невоиграно и на Европското првенство пред два месеци.

Тимот на Дидие Дешамп се чини дека зафаќа надолна линија и тоа отвора многу прашања во Франција, од каде сега пристигна вест дека имало и голема нервоза во соблекувалната по поразот од Италија.

Угледниот „Лекип“ пишува дека Мајк Мењан ја презел главната улога во соблекувалната по катастрофалното издание против Италија, односно викал гласно и им делел лекции на своите колеги за недоволното залагање на теренот и разочарувачкиот говор на телата.

Мењан е еден од тројцата играчи на Милан кои беа стартери на натпреварот против Италија пред два дена (покрај Ернандес и Фофана), но очигледно голманот има лидерски и капитенски квалитети, со кои направил да молчат и двајцата луѓе кои се задолжени за такви реакции во соблекувалната.

Килијан Мбапе како прв и Антоан Гризман како втор капитен останале тивки при обраќањето на Мењан, па сега останува да се види каква реакција ќе има тимот на натпреварот против Белгија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг