Арина Сабаленка ја освои третата грен слем титула во кариерата, што за неа е прва во Њујорк после сите болни порази што ги доживеа во овој град во изминативе три години.
Поразите во две полуфиналиња и едно финале вчера беа заборавени со величествена претстава во завршниот меч на „Артур Еш“, каде Белорусинката успеа да се справи со Џесика Пегула и домашната публика, славејќи победа со идентични 7:5 во двата сета.
По двете освоени титули на Аустралијан Опен, Сабаленка сега со златни букви го впиша своето презиме и на грен слемот во Америка, а во овие емотивни моменти, Арина никогаш не заборава да го спомене својот починат татко.
– Откако го загубив својот татко, моја цел е да го вметнам нашето презиме во тениската историја. Секојпат кога ќе го видам своето име и презиме на трофејот, горда сум на себе, горда сум на своето семејство и тоа што никогаш не се откажаа од мојот сон.
– Тие направија се за да продолжам напред и да стигнам до тука кадешто сум денес. Јас имав сон, а тие го направија да стане реалност. Се уште не можам да поверувам што правиме, мислам дека веќе направивме повеќе од тоа што замислувавме, – изјави Сабаленка по својата прва титула на Ју-Ес Опен.