Вселенското летало Боинг Старлајнер, наречено Калипсо, конечно се врати на Земјата, повеќе од три месеци по лансирањето на планираната 10-дневна мисија.
Утрово во 12:01 часот по европско време го допре тлото во Ново Мексико, пренесува CNN.
„Старлајнер безбедно се врати. Честитки до целиот тим што ја заврши мисијата со успешно лансирање, деорбитирање и слетување. Старлајнер уште еднаш покажа дека може да изврши безбеден лет до и од вселената“, изјави Лорен Бренек од НАСА.'
Слетувањето беше долго одложено, бидејќи поминаа повеќе од три месеци откако Калипсо беше испратен на својата орбитална мисија, која првично се очекуваше да трае околу 10 дена. Старлајнер отиде во вселената со астронаутите на НАСА Сунита Вилијамс и Буч Вилмор, но двајцата сè уште не се вратиле дома.
„Слетувањето беше совршено. Ако имавме модел кој можеше да го предвиди, за да биде совршено како што видовме вечерва, одлуката да имаме лет со екипаж ќе беше лесна... Но, не го направивме тоа“, рече Стив Стич, менаџер за комерцијални летови на НАСА на прес-конференција одржана по слетувањето на Старлајнер.
Старлајнер наместо да слета на површината на водата, како другите капсули од програмата на НАСА, удри на суво - на пистата на Спејс Харбор во Ново Мексико.