„Volvo“ се откажа од својата претходна цел да продава само електрични возила до крајот на 2030 година.
Како таков, „Volvo“ им се придружи на другите автомобилски компании кои ги намалуваат своите цели за електричните возила поради послабата побарувачка за овој тип возила.
„Volvo“, кој е во кинеска сопственост, денеска ја претстави својата нова цел и сега сака 90 отсто од неговата продажба во 2030 година да сочинуваат хибриди со приклучок и електрични возила со батерии (BEV), пишува „Bloomberg“.
Останатите ќе бидат благи хибриди кои најмногу се потпираат на мотори со внатрешно согорување, соопштија од „Volvo“.
Промените нема да влијаат на инвестициите на компанијата во електрични автомобили со батерии, изјави портпаролот на компанијата.
Побарувачката за електрични автомобили во Европа се намали откако некои земји, вклучително и Германија и Шведска, ги елиминираа или ги намалија субвенциите за купување електрични возила.
„Mercedes“ и „VW“ ги намалија своите амбиции за електрични возила, а „VW“ дури размислуваше да затвори фабрики и да отпушти работници за да ги намали трошоците.
Раководството на „VW“ се одлучи за голема програма за штедење до 2026 година и сака да ја укине гаранцијата за работа за околу 110.000 работници за да се справи со дефицитот во касата од пет милијарди евра.
На кризниот самит со врвните менаџери, кој беше свикан во краток рок, бордот на германскиот бренд во понеделникот ја информираше јавноста за плановите за реструктурирање и повеќе не ја исклучува можноста за затворање на фабриките, пренесува „Bild“.