Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун. На средбата присуствуваа и високи претставници на компании од одбранбената индустрија на Турција.
На средбата, турската делегација ги претстави капацитетите и можностите што ги нуди турската одбранбена индустрија како лидер во регионот, во насока на опремување и зголемување на капацитетите на министерството во борбата против тероризмот, транснационалниот организиран криминал и нелегалната миграција.
„Турција е еден од нашите најблиски партнери, заедно сме во НАТО, а нашиот взаемен пријателски и партнерски однос е верифициран со силна економска, трговска, безбедносна и културна соработка, на која двете држави остануваат посветени. Ги разгледуваме можностите за соработка со турските компании производители во одбранбената и безбедносната индустрија за унапредување на капацитетите на нашата полиција. Градиме модерна и опремена европска полиција која ќе овозможи безбедност за секој граѓанин, бидејќи функционалноста на безбедносниот систем е предуслов за функционирање и напредок на правната држава и благосостојбата на нејзините граѓани“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски ги претстави приоритетите на МВР во делот на дигитализацијата, континуирани обуки на вработените и јакнење на капацитетите за интегриран систем за гранично управување. Во таа насока директорот Ѓорѓун ги презентираше можностите и решенијата што ги имаат развиено и имплементирано со примена на најнови технологии како вештачката интелигенција.