Искористеното нуклеарно гориво, Финска ќе го закопува во контејнер којшто е прв контејнер од таков вид во светот. Станува збор за „геолошка гробница“ во којашто ова гориво ќе стои 100.000 години.
Овој пионерски проект се смета за пресвртница во долгорочната одржливост на нуклеарната енергија како и модел за целиот свет.
Имено, горивото ќе се чува во воденонепропустливи контејнери, а тие ќе чуваат на длабочина од 400 метри под земјата, во шума на југозападот од Финска. „Геолошката гробница“ е наречена Онкало, што на фински значи пештера или јама.
Компанијата Посива, основана во 1995 година, задолжена е за конечното складирање на искористеното нуклеарно гориво во „геолошката гробница“, а оваа компанија е во заедничка сопственост на нуклеарната компанија „ТВО“ и енергетската компанија „Фортум“.
Паи Туохима од компанијата Посива, изјави дека недостасуваше конечното складирање на искористеното нуклеарно гориво во одржливиот животен циклус на нуклеарната енергија.Тој исто така вели дека овој проект со „геолошката гробница“ предизвикал голема заинтересираност во индустријата.
Проектот „Онкало“ поттикна расправа околу тоа дали некој може да ја гарантира долгорочната безбедност на искористеното нуклеарно гориво, како и во која мерка нуклеарната енергија треба да се користи во борба со климатската криза. Меѓутоа покрај ова Шведска најверојатно ќе биде следната држава којашто на ист начин ќе го складира својот нуклеарен отпад.
„Онкало“ е заснован на т.н. метод „KBS – 3“, којшто го креираше шведската компанија за управување со нуклеарно гориво и отпад, а којашто работи на она што би можело да биде второто конечно складиште на искористеното нуклеарно гориво во светот. „KBS – 3“ е заснован на принцип со повеќе бариери, па така доколку едната бариера потфрли, изолацијата на радиоактивниот отпад нема да биде загрозена.
Финскиот министер за клима Каи Миканен вели дека овој проект е начин да се покаже како една мала нација е способна да го реши едниот од можеби дваесетте најголеми проблеми или предизвици на човештвото, пишува „CNBC“.