Јеменските Хути со две ракети го погодија танкерот „Блу лагуна 1“ во Црвеното Море

Макфакс

02/09/2024

12:12

716

Големина на фонт

а а а

Јеменските бунтовници, милитантната проиранска група Хути, денеска го погодија танкерот „Блу лагуна 1“, кој пловел во Црвеното Море под панамско знаме, а во сопственост на компанија од Грција, соопшти регуларната влада на Јемен.

Денешниот напад е последен во серијата напади на Хутите, започнати од војната меѓу Израел и Хамас, кои ги нарушија трговските бродски рути со кои секоја година се транспортираат стоки вредни стотици милијарди долари, пренесува АП.

Поради нападите на Хутите врз трговските бродови кои пловеа низ Црвеното Море до или од Суецкиот канал, прекинати се и испораката на хуманитарна помош до Судан и Јемен погодени од конфликтот.

„Во денешниот напад, бродот беше погоден со два проектила, а третата експлозија одекна во близина на бродот. Работиме на контрола на штетите. Нема повредени на бродот кој се движи кон неговото следно пристаниште“, соопшти Воениот поморски оперативен центар на Обединетото Кралство.

Хутите сè уште не ја презеле одговорноста за нападот, но, според американската агенција, може да поминат неколку часа или дури денови пред бунтовниците да го сторат тоа.

Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, Хутите нападнаа повеќе од 80 бродови со ракети и беспилотни летала.

Покрај тоа, тие заробија еден брод и потонаа два, а четворица морнари беа убиени за време на нивниот поход.

Бројни ракетни проектили или беспилотни летала лансирани од Хутите или биле пресретнати од коалициските сили предводени од САД или не успеале да стигнат до своите цели.



Спонзорирани линкови

Маркетинг