Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес и утре ќе престојува во Република Словенија каде ќе учествува на Бледскиот Стратешки Форум и ќе оствари повеќе билатерални средби. Во рамки на форумот Муцунски ќе се обрати на панелот „Европа целосна и слободна: Возобновена заложба за европската безбедност“.
Овогодинешниот Бледскиот Стратешки Форум форум е насловен: “A world of parallel realities – Свет на паралелни реалности“ и фокусот ќе биде ставен на повик да се работи заедно за општото добро: со слушање и надминување на сопствените ставови.
Покрај учеството на официјалниот дел од форумот, на покана на министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон, Муцунски ќе учествува на работниот појадок на тема „сукцесија“ на која ќе присуствуваат и останатите министри од земјите на поранешна СФРЈ. Исто така предвидено е одржување на состанок помеѓу министрите од регионот со специјалните претставници за Западен Балкан, каде се очекува да се споделат видувања околу актуелните состојби во регионот.
На маргините на форумот, Муцунски ќе оствари билатерална средба со министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон која е домаќин на настанот, како и со други учесници разговарајќи за најважните предизвици на глобалното општество, со покренување теми кои имаат потенцијал да ја обликуваат нашата заедничка иднина.