Мусаката е секогаш пожелен ручек кој заситува, а за да добиете вкусно јадење не ви требаат ниту компири, ниту месо.
Иако кај нас е најпопуларна онаа од компири, мусаката е јадење кое потекнува од Ориентот и според оригиналните рецепти најчесто се прави од тиквички или модар патлиџан.
Бидејќи е популарна низ целиот свет, има безброј варијанти, а во летните денови особено е популарна мусаката од тиквички. Доколку избегнувате храна од животинско потекло поради постот или од некоја друга причина, ќе ви се допадне оваа посна верзија на домашна мусака со домати и пченка.
Таа се подготвува прилично брзо и лесно, а поради мешавината на зачини ќе ја јадат и оние кои не уживаат во вкусот на тиквичката.
Потребни состојки:
- 3 тиквички со средна големина
- 2 домати со средна големина
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 1 лажичка оригано
- 1 лажичка магдонос
- 1 чаша варена пченка
- 1 чаша пасирани домати
- сол и бибер по вкус
- 100 гр. посен кашкавал (по желба)
Подготовка:
1. Вклучете ја рерната на 180°C.
2. Тиквичките излупете ги и исечете ги на кругови. Кромидот ситно исечкајте го, па издинстајте го на малку масло во тава. (ако постите, прескокнете го маслото и додајте малку вода)
3. Потоа додајте го сечканиот лук и оставете да се динста до две минути.
4. Додадете ги круговите од тиквички и динстајте додека не омекнат, а потоа додадете ги доматите исечкани на коцки, пасираните домати и зачините, па динстајте не подолго од 10 минути на тивок до среден оган.
5. Половина од оваа смеса истурете ја во подмачкан сад за печење.
6. Одозгора наредете ги зрната варена пченка (може да користите и конзервирана пченка), па додајте го остатокот од смесата од тиквички и домати.
7. По желба можете да посипете со рендан посен кашкавал.
8. Печете околу 25 минути во рерна загреана на 180°C, а потоа послужете со малку магдонос.