Американската пејачка Кети Пери (39) е под истрага поради снимање на музички видеозапис на Балеарските Острови, пишува „Дејли мејл“.
Одделот за животна средина на Балеарската регионална влада истражува дали пејачката и нејзиниот тим можеби ги оштетиле заштитените дини на островот Еспалмадор. Во видеото, пејачката се гледа како танцува на различни локации, вклучувајќи ги и дините на островот Еспалмадор во област обележана со забрана за поминување.
Имено, дините на Еспалмадор се најдобро зачуваниот дински состав на Балеарските Острови. Регионалната влада на Балеарците на својата веб-страница за туризам наведува дека дините имаат голема еколошка вредност. На видеото може да се види како Пери и тимот во еден момент се упатиле кон оградениот простор.
Се вели дека продуцентската куќа не го побарала потребното одобрение за снимање на спотот. Од Секторот за заштита на животната средина соопштија дека снимањето на видеото во споменатото подрачје претставува еколошка повреда и дека снимањето на видеото може да се одобри по барање.
Патем, Еспалмадор е мал ненаселен остров во приватна сопственост кој се наоѓа на Балеарските Острови.