Новородените близнаци во појасот Газа беа убиени, додека нивниот татко бил да го пријави нивното раѓање кај надлежните органи. Момчето Асер и девојчето Ајсел беа стари само четири дена кога требало да ги добијат своите изводи од матичната книга на родените.
Додека нивниот татко бил отсутен од домот, неговите соседи го повикале за да му кажат дека неговата куќа во Деир ел Балах била бомбардирана во израелски воздушен напад. Во нападот покрај неговите деца убиени се и неговата сопруга како и нејзината мајка.
„Не знам што се случило, ми кажаа дека мојата куќа била погодена со граната“, изјави Мохамед Абу Ал – Кумсан, човекот којшто го изгуби своето семејство.
Според новинската агенција „АP“, семејството ја почитувало наредбата на израелската војска за евакуација од градот Газа во првите недели од војната помеѓу Израел и Хамас, а прибежиште пронашле во централниот дел од појасот Газа.
Министерството за здравство на Газа, со коешто управува Хамас вели дека 115 доенчиња биле родени и убиени во текот на војната.
„BBC“ побара коментар од израелската војска за нападот и сè уште чекаат за одговор.
Од израелската војска порано изјавија дека се обидуваат да го одбегнат бомбардирањето на цивили и за нивната смрт го обвинуваат Хамас, којшто е позициониран во густонаселени подрачја, вклучувајќи го користењето на цивилни згради како прибежиште.
Во последните неколку недели погодени беа неколку прибежишта на раселените цивили во појасот Газа, а во сабота во израелскиот воздушен напад врз училишна зграда којашто беше прибежиште за раселените Палестинци во градот Газа беа убиени повеќе од 70 луѓе, изјави за „BBC“ директорот на болницата во Газа.
Портпаролот на израелската војска вели дека оваа училишна зграда служела „како активен воен објект на Хамас и на исламскиот џихад“, но Хамас ги негираше ваквите тврдења.
Исто така Израел го оспори бројот на мртвите во овој напад а „BBC“ не можеше самостојно да ги провери бројките.