[ВИДЕО] Објавена вознемирувачка снимка: Израелски војници силуваат палестински затвореник

Точка

12/08/2024

22:26

6.136

Големина на фонт

а а а

Во јавноста се појави снимка од надзорните камери на којашто се гледа како израелските војници силуваат палестински затвореник во озлогласениот затвор „Сде Теиман“.

На снимката се гледа како војниците во затворот во пустината Негев, на југот од Израел, одбираат еден затвореник од поголемата група затвореници која лежи на подот, а којшто сметаат дека е еден од борците на Хамас кој претходно го заробиле во Газа.

Предупредување: ВОЗНЕМИРУВАЧКА СНИМКА

Затвореникот потоа го носат до ѕидот каде што војниците со помош на своите штитови се обидуваат да го скријат својот идентитет од камерите додека во меѓувреме затвореникот го силуваат. Поради овој инцидент на 29 јули беа уапсени 10 војници од единицата „Force 100“, пишува Ал Џазира.

Ослободени пет војници

Двајца војници биле ослободени на рочиштето пред воениот суд на 30 јули, а воените обвинители на 4 август ослободија уште тројца обвинети војници.


Иако целиот овој случај го потресе израелското општество некои поединци како што е ултрадесничарскиот министер за финансии повеќе беше бесен поради појавувањето на оваа снимка во јавноста отколку поради самото силување.


„Бараме моментална казнена истрага за да се пронајдат оние коишто го објавиле ова видео. Оваа снимка предизвика голема штета на војската но и на репутацијата на Израел“, напиша в четврток израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрих на социјалната мрежа „Х“.

Додека пак министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант порача дека истрагата за однесувањето на војниците мора да продолжи додавајќи дека „дури и во време на гнев законот важи за сите“.


Од друга страна ултрадесничарскиот министер за национална безбедност Итмар Бен Гвир, го нарече апсењето на војниците „срамно“.

По она што израелските медиуми го нарекуваат сериозно сексуално злоупотребување затвореникот бил хоспитализиран со сериозни повреди на анусот поради кои не можел да се движи.

Сведоштва за малтретирања

Од нападот на Хамас врз Израел на седми октомври 2023 година, израелските власти уапсија илјадници Палестинци, често без да имаат можност за правен застапник. „BBC“ претходно разговараше со медицинските работници кои работат во болницата на отворено воспоставена во затворот „Сде Теиман“, коишто изјавиле дека на затворениците – пациенти им биле прекриени очите, а биле постојано врзани за креветите и биле принудени да носат пелени наместо да имаат пристап до тоалет.


Во јуни израелскиот весник „Haaretz“ објави сведоштва на лекари од затворот „Сде Теиман“ коишто изјавиле дека на двајца затвореници им била извршена ампутација на нозете поради повреди предизвикани од затворските лисици. Затворениците од овој затвор ги изнесоа своите жалби дека биле нападнати и претепани пред новинарите и функционерите на ОН.

Многумина жители на појасот Газа коишто израелската војска ги имаше уапсено без претходно обвинение подоцна биле ослободени, а „Amnesty International“ го повика Израел да престане со бескрајното апсење на Палестинците од Газа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг