Намирница којашто можеби може да ја превенира појавата на Паркинсоновата болест

Точка

12/08/2024

11:01

5.425

Големина на фонт

а а а

Научниците велат дека „Ecklonia cava“ кафеавата морска алга, можеби може да го заштити човекот од најбрзо растечкото невродегенеративно нарушување на светот – Паркинсоновата болест.

Паркинсоновата болест од којашто боледуваше и познатиот боксер Мухамед Али, предизвикана е од губењето на неврони коишто произведуваат допамин, невротрансмитер вклучен во контролата на движењата и размислувањето. Лек за оваа болест не постои, а јапонските научници сега потврдуваат дека полифенолите во кафеавата морска алга можат да помогнат во превенцијата на оваа болест.


Научниците направиле два вида на тестови на моторичките функции на глувци заболени од Паркинсоновата болест. Глувците секојдневно во текот на една недела, биле орално хранети со антиоксиданти а потоа им бил даван ротенон, природно соединение коешто се наоѓа во коренот на неколку растенија.

Антиоксидантите во кафеавата морска алга можат да го намалат оштетувањето на невроните

Резултатите објавени во списанието „Nutrients“ покажале дека моторната функција којашто била ослабена од ротенонот, по консумирањето на алгите се обновила. Професорката Акико Којима Јуаса којашто го водеше ова истражување вели дека дошло до подобрување на моторните функции на цревата и структурата на слузницата на дебелото црево – посебното ткиво коешто го прекрива дебелото црево.


„Оваа студија сугерира дека антиоксидантите во кафеавата морска алга можат да го намалат оштетувањето на невроните. Се надеваме дека „Ecklonia cava“ ќе биде ефикасна состојка во превенцијата на Паркинсоновата болест“, порача професорката Јуаса од универзитетот „Оsaka Metropolitan“.

Инаку алгите се сметаат за „суперхрана“ бидејќи имаат многу позитивни влијанија врз човековото здравје. Прво тие се извор на фенилаланин, го забрзуваат метаболизмот и побрзо ги елиминираат токсините од телото. Второ тие имаа моќ да заситуваат кога ќе дојдат во допир со вода во телото. Трето ги содржат витамините А, Б1, Б2, Ц, Д, Е И К, калиум, железо, влакна и калциум (до 10 пати повеќе од млекото). Алгите имаат и антивирусни и противвоспалителни својства коишто помагаат во зајакнувањето на имунолошкиот состав, а алгите спирулина и клорела се сметаат за најхранливи.