Вилата на Тито во Црна Гора беше изградена за шест месеци, со 5.500 квадратни метри чист луксуз и најпрестжниот детаљ кој се крие во бањата

Точка

10/08/2024

19:03

14.444

Големина на фонт

а а а

Изградена во 1976 година како летна резиденција на Јосип Броз Тито, вилата „Галеб“ ви Игало кај Херцег Нови во Црна Гора се простира на четири нивоа. Вкупната површина на оваа градба изнесува 5.500 метри квадратни, а окружена е со парк со површина од 75.000 квадратни метри. Но дефинитивно најинтересниот дел од оваа куќа е бањата.

Оваа куќа беше изградена за само шест и пол месеци и беше една од 33 вили на просторот на бивша Југославија кои биле наменети за Тито.


Проектантот на вилата „Галеб“ беше Милорад Петијевиќ од Херцег Нови, а локацијата некогаш позната како „Ѓурѓево брдо“, била одбрана за Титовата вила поради специфичната микроклима, близината на изворите со минерална вода, наслаги од лековита кал и единствениот поглед на Бокакоторскиот залив.

Како што објасни Ален Филиповиќ, водичот во вилата „Галеб“, Тито официјално четири пати престојувал во оваа вила, а секој пат останувал по еден или два месеци. Прв пат бил во вилата на 25 јануари 1977 година заедно со сопругата Јованка Броз, на којашто тоа ѝ била единствена посета на вилата „Галеб“, пишува N1.


Во рамките на оваа вила покрај апартманот на Тито и Јованка биле изградени и 10 гарсоњери кои биле наменети за нивната придружба, како и три апартмани за нивните гости, и тие се сместени на еден од четирите нивоа на вилата.

Конгресна сала со кинопроектор

Во рамките на вилата „Галеб“ сочуван е мебелот од времето кога е изградена. Во конгресната сала веднаш до влезот во објектот и понатаму стојат 51 фотелја. Тие биле наменети за членовите на тогашниот Сојузен извршен совет којшто тука заседавал. Во конгресната сала постоел и кино-проектор, преку кој биле пуштани омилените филмови на Тито.

Во вилата постои и т.н „Камин сала“, во којашто Тито сакал да го поминува своето слободно време, потоа има и мала трпезарија која била наменета за Тито и неговите гости, а мебелот во трпезаријата бил направен по негова желба.

Сино за Тито, розево за Јованка

Претседателскиот апартман на вилата „Галеб“ има два дела – едниот син другиот розев. Синиот бил наменет за Тито а розевиот за Јованка. Тој апартман е навистина голем но не особено луксузен. Најлуксузниот дел од вилата „Галеб“ е бањата на Тито која е составен дел од претседателскиот апартман. Плочките во таа бања биле изработени од бразилски мермер, којшто е специфичен по тоа што од еден метар кубен можат да се направат само две плочки, а овој бразилски син мермер е најскапиот материјал кој бил употребен во изградбата на оваа вила.

Над креветот на Тито во спалната соба има слика, која била направена само околу четири до пет години пред неговата смрт, а собата на Тито истовремено била и спална и работна соба.

Тито бил голем љубител на книжевноста, за тоа сведочат делата на бројни писатели коишто сè уште стојат во неговата работна соба.

Атомско засолниште со аквариум

Составен дел од вилата „Галеб“ е и атомското засолниште каде во случај на војна и други природни несреќи, Тито и неговите луѓе можеле безбедно да се засолнат. Засолништето било предвидено за 36 луѓе а низ сите простории било овозможено постојано кружење на кислород.

На самиот влез во атомското засолниште се наоѓа аквариум, за регулирање на исправноста на водата во вилата. Една недела пред доаѓањето на Тито во вилата, во аквариумот се ставале различни видови риби, коишто во случај на неисправност на водата паѓале на сензорот односно на дното на аквариумот. Штом ќе се вклучеше тој сензор моментално се сопирал протокот на водата во вилата.

Тито за последен пат престојувал во вилата „Галеб“ во 1979 година, една година пред неговата смрт. Тоа беше период кога Црна Гора ја погоди силен земјотрес, а почвата се тресеше околу седум часа и 15 минути, а Тито со својот возач и придружбата,само неколку часа потоа се прошета низ ривиерата за да ја провери состојбата по земјотресот.

„Интересна информација е тоа што Тито го одбил предлогот да биде евакуиран. Наместо тоа побарал да му биде поставен шатор во дворот, во близина на апартманот, а дури следниот ден во попладневните часови од аеродромот во Дубровник одлетал во Белград“, раскажува Филиповиќ.

Вилата „Галеб“ денес е во сопственост на Институтот за рехабилитација „Симо Милошевиќ“ Игало.

По смртта на Тито во 1980 година, па сè до Празникот на мимозата во 2007 година, вилата „Галеб“ била затворена за јавноста, а од 2000 година најмногу била изнајмувана од богати Руси. Од јуни 2014 година оваа вила била повторно отворена за сите коишто сакаат да го почувствуваат духот на минатото време и оттогаш се бележи константен раст на бројот на посетители на вилата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг