На вчерашната конвенција Доналд Трамп, го доведе во прашање расниот идентитет на Камала Харис, неговата противкандидатка од редот на Демократите. Тој за Харис вели дека до неодамна го нагласувала нејзиното азиско-американско потекло, а потоа наеднаш станала афро-американка.
„Не знаев дека е афро-американка, сè додека пред неколку години не „потемне“. Сега сака другите да ја сметаат за афро – американка. Па сега не знам дали е Индијка или афро-американка?, порача Трамп на конвенцијата на Националниот сојуз на афро-американски новинари во Чикаго.
Харис веднаш му возврати на Трамп, и порача дека кога се зборува за Трамп, тоа е негова „веќе видена претстава“ и дека „американскиот народ заслужува подобро“. „Заслужуваме водач кој сфаќа дека нашите разлики не нè разделуваат туку дека тие се важен извор на нашата сила“, изјави Харис.
Родителите на Харис потекнуваат од Индија и Јамајка
Харис е првата афро-американска и азиско-американска потпретседателка на САД. Нејзините родители по потекло се од Индија и Јамајка. Таа беше студент на универзитетот „Howard“ традиционалниот афро-американски универзитет и се придружила на афро-американското „сестринство Алфа Капа Алфа“.
Меѓутоа ова не беше прв пат Трамп да ги напаѓа своите противници врз основа на нивната раса. Лажно го обвини Барак Обама дека не е роден во САД. Исто така ја нападна и бившата амбасадорка во ОН и својата републиканска противкандидатка Ники Хејли, лажно тврдејќи дека таа не може да биде претседателка бидејќи нејзините родители не биле американски државјани кога се родила таа.
Трамп: Таа не го положи правосудниот испит
Во текот на една расправа, Трамп ја критикуваше и правната кариера на Харис, велејќи дека на почетокот од нејзината кариера таа „паднала“ на правосудниот испит.
„Само чесно ви ги кажувам фактите. Таа не го положи правосудниот испит и не мислеше дека некогаш ќе го положи. Не знам што се случило подоцна, можеби го положила“, додаде Трамп.
Харис има дипломирано на правниот факултет во Сан Франциско во 1989. ЊуЈорк тајмс пишува дека Харис не го положила правосудниот испит при првиот обид но дека при вториот обид го положила. Државната адвокатска комора на Калифорнија истакнува дека тој испит го положуваат помалку од половина кандидати.