Манчестер Сити во наредната сезона ќе биде посилен за талентираниот бразилски фудбалер Савињо, крилен напаѓач кој веќе има седум настапи за сениорската репрезентација на својата земја. Англискиот тим за неговите услуги плати 31 милион фунти, но зад целата работа се крие една прилично голема, ако може да се каже, „измама“.
Савињо пораснал во родниот Бразил и играл за Атлетико Минеиро, а тој тим во 2022-ра година го продал по две години минати во сениорскиот состав. Купувач беше „City Football Group“, чиј најпознат дел е Манчестер Сити. Истите сопственици имаат бројни тимови ширум светот, па во овој случај било одлучено младиот Бразилец – официјално да го купи францускиот тим Троа. Секако, Савињо никогаш не го облече дресот на тој тим …
Веднаш е пратен на позајмица во ПСВ од Ајндховен, каде паралелно играл за младиот и сениорскиот тим, а потоа во наредната година настапуваше за Џирона. Шпанскиот тим е уште еден од тимовите со истите сопственици, па јасно е зошто е избрано токму таму да се развива фудбалски. Секако, повторно Троа не можела да смета на него, иако би им бил огромно засилување.
Неговите агенти го убедиле Манчестер Сити да го купи за 35 милиони евра, со тоа што во наредните години би можеле да бидат дополнително пари поради бонусите кои се додадени во договорот. Така Манчестер Сити заврши голем летен трансфер – купи фудбалер кој неговите сопственици веќе го купиле пред две години, но тогаш го пратиле во Франција.
Додека Савињо играше за ПСВ и Џирона, Троа ги доживеа најтешките моменти во клупската историја. Две испаѓања по ред значеле селење од првиот до третиот ранг на францускиот фудбал, а навивачите полуделе поради однесувањето на сопственици. Направиле нереди на теренот, на трибините и во околината на стадионот, со барање клубот што порано да се продаде за да застане на здрави нозе. Од друга страна, јасно е дека сопствениците планирале нешто како ова што се случило – сега францускиот третолигаш „заработи“ речиси 40 милиони евра од продажба на фудбалерот во Манчестер Сити.