Мухамед Деиф, воен лидер на Хамас, кој ја предводи бригадата Ал Касам, со децении е на израелската листа на најбарани луѓе, а од 2011-та успеал да избегне дури 11 обиди за убиство.
Минатиот викенд беше мета на воздушен удар на јужниот град Кан Јунис во Појасот Газа, тврди израелската војска.
Министерството за здравство Газа, под водство на Хамас, соопшти дека израелскиот напад ја погодил областа Ал Маваси, убивајќи десетина луѓе во камп за раселени.
Новинската агенција „AFP“ во саботата цитирала изјава од израелската војска дека „таму биле присутни само терористи на Хамас и дека немало цивили“.
Во неделата додале дека притоа бил убиен Раф Салам, командант на бригадата Кан Јунис, опишан како еден од архитектите на нападот на 7-ми октомври и близок соработник на Деиф.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху додал дека не може со сигурност да се тврди дека Деиф е убиен.
Хамас го обвини Израел дека се обидува да ги прикрие размерите на страшниот масакр.
Израелските власти сметаат дека Деиф е виновен за убиство на многу израелски цивили и војници.
Вистинското име му е Мухамед Диаб Ал Масри.
Роден е во бегалскиот камп во Кам Јунис во 1965-та година.
Деиф пораснал во многу сиромашно семејство, за подоцна да основа фарма за живина и да работи како возач.
Неговото име значи „посетител“ или „гостин“, што се однесува на неговиот стил на живот – се верува дека постојано се сели за да го избегне израелскиот надзор.
Дипломирал на исламскиот универзитет во Газа, каде студирал физика, хемија и биологија.
Во тоа време бил шеф на универзитетскиот одбор за забава, а дури и настапувал во театар.
Во текот на студентските денови, Деиф се приклучил на групата Муслиманско братство.
Кога Хамас бил основан во 1987-ма година, по првата Палестинска интифада, односно бунт, Деиф се приклучил во неговите редови.
Израелските власти го уапсиле во 1989-та година и минал 16 месеци во затвор под обвинение дека работи за военото крило на Хамас.
Бил еден од ко-основачите на военото крило на Хамас, Бригада Ал Касам, и како и основач на Бригадата Касанм на Западниот брег.
Лидер на Бригадата Касам станал во 2002-ра година, по убиството на неговиот претходник Салах Шехадех во израелски воздушен напад.
На американската црна листа на меѓународни терористи е од 2015-та година, а на црната листа на ЕУ е од 2023-та.
Деиф во 1996-та е обвинет за планирање и раководење на бомбашки напади на автобуси во кои загинале десетина Израелци.
Кон средината на 1990-тите, обвинет е за учество во заробување и убиство на тројца израелски војници.
Се верува дека со Јахја Синавара – политички лидер на Хамас во Газа – ги осмислил нападите од 7-ми октомври.
Се смета дека одиграл клучна улога во основа на мрежата тунели под Газа.
Наводно повеќе од времето минувал во тие тунели, криејќи се од израелската војска, од каде управувал со нападите на Хамас.
Меѓу Палестинците е познат како „мозок“, а меѓу Израелците како „мачка со девет животи“.
Од 2001-ва година успеал да преживее дури седум обиди за убиство.
Најсериозниот бил во 2002-ра, кога го изгубил едното око.
Израел тврди дека изгубил и стапало и дланка, и дека има тешкотии во говорот.
Израелските сили за безбедност се обиделе да го ликвидираат и во 2014-та, во текот на напад на Појасот Газа, кога загинале неговата сопруга и две деца.
Од тогаш остава малку траги зад себе.