Соучениците за атентаторот на Трамп: Беше осамен, се облекуваше чудно и го малтретираа

Точка

15/07/2024

12:07

2.903

Големина на фонт

а а а

Сè уште се истражува мотивот на напаѓачот, кој во саботата го нападна поранешниот американски претседател Доналд Трамп и полесно го рани. Сепак, новинарите успеале да стапат во контакт со неколку луѓе од неговата околина, чии изјави почнуваат да составуваат мозаик на неговиот карактер.

20-годишниот Томас Метју Крукс пукаше кон Трамп во Батлер, Пенсилванија, каде што поранешниот претседател учествуваше на републикански предизборен митинг. Тој полесно го рани Трамп во увото и застрела еден присутен, 50-годишен поранешен пожарникар, пред снајперистите да го убијат на кровот.


„CNN“ дојде во контакт со таткото на младиот Томас кој само рекол само дека се обидува да открие „што по ѓаволите се случува“ и дека нема да разговара со никого додека не контактира со полицијата.

Поранешната соученичка на Крукс, Сара Д'Анџело, изјави за „The Wall Street Journal“ дека Крукс никогаш не зборувал за неговите политички ставови.

„Тој никогаш не зборуваше за омраза кон Трамп или нешто слично“, им рекла таа на новинарите.

Меѓутоа, според зборовите на соученикот Џејмс Колер, Крукс бил мета на малтретирање.

„Го малтретираа речиси секој ден, тој беше отфрлен. А знаете како е со младите денес. Седеше сам на ручек. Малку е тажно“, им рекол Колер на новинарите, истакнувајќи дека Крукс носел ловечка облека, а останатите му се потсмевале поради тоа.


20-годишниот Мајкл Дуџак, кој исто така одел на училиште со Крукс, за „NBC News“ го опишал како тивок и воздржан. Тој не знаел за злоставувањето, но изјавил дека Крукс бил осаменик. Кога дознал дека тој е напаѓачот, рекол дека тоа го шокирало.

Претставник на ФБИ подоцна изјави дека врз основа на истрагата, убиецот дејствувал сам. Истражителите сè уште не го знаат неговото политичко размислување, а притоа не пронашле никакви заканувачки пораки во врска со тоа.

„Информациите што ги имаме во овој момент укажуваат дека напаѓачот дејствувал сам и дека јавната безбедност во овој момент не е загрозена“, го цитира „The New York Times“ агентот Кевин Ројек, кој е задолжен за случајот.